Едвард Лакман годинашен добитник на „Златна камера 300" за животно дело

Годинашен добитник на „Златна камера 300" за животно дело е американскиот кинематограф и режисер Едвард Ед Лакман, информира директорката на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки", Гена Теодосиевска на денешната прес-конференција посветена на 40. јубилејно издание на фестивалот.

 

– Човек со кој многу лесно ќе воспоставите контакт, човек од кој можеме многу да научиме за филмската уметност и воопшто за историјата на филмот. Тој е оној на кој ние се надевавме дека ќе го добиеме, рече Теодосиевска за Лакман.

 

Теодосиевска истакна дека подготовките за јубилејното издание се интензивни.

 

Уметничкиот директор Благој Куновски-Доре за Лакман вели дека тој со децении е во врвот на американските и светски кинематографи. Затоа, како што рече, на овој јубилеј со задоволство му го даваме нашиот Оскар.

 

– Лакман со децении е во врвот на американската кинематографија и повеќе пати номиниран за Оскар. Но, сега ние со задоволство му го даваме нашиот Оскар, „Златната камера 300" за животно дело, што тој апсолутно ја заслужува. Имајќи го за нов лауреат на „Златната Камера 300" за животен Опус, со инспиративната димензија на неговата неуморна творечка енергија и со сета негова хумана, алтруистичка благородност-во ликот на Ед Лакман, прославата на 40 Јубилеј на Браќа Манаки, добива најсоодветен чин на воспевање на уметноста на кинематограферите", рече Куновски.

 

Тој наведе дека Лакман има реализирано над 80 филмови од сите форми.

 

Директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска Илиевска, извести дека оваа година особено внимание Центарот ќе посвети на Фестивалот, со оглед на јубилејното издание. Таа кажа дека не ги добиле бараните средстства за посовремена техничка опрема од Министерството за култура, но дека добиле нов агрегат и Центарот ќе одговори на високите критериуми на фестивалот.

 

Од името на Општина Битола се обрати Евгенија Бекташ Јосифовска која рече фестивалот „Браќа Манаки" е дел од годишната програма за култура на општина Битола.

 

– И организационо и финансиски фестивалот влегува во нашата програма. Како и секоја година, така и оваа фестивалот го помагаме со сместување на гостите и делумно во печатениот материјал, како и во други организациски работи", рече Јосифовска, која додаде дека Општина Битола многу се гордее со овој фестивал, рече Јосифовска.

 

На прес-конференцијата беше пуштена и видео порака од Лакман, кој се заблагодари на наградата и рече дека тоа за него значи уште едно поврзување со неговото источно европско потекло. „Во источна Европа ја најдов уметноста, во Америка животот".

 

Директорката Теодосиевска потсети дека фестивалот ја доби наградата од Меѓународната федерација на кинематографери-ИМАГО за исклучителен придонес во промоцијата на филмската уметност.

 

Таа најави повеќе детали за фестивалот на следната прес-конференција. Фестивалот ќе се одржи од 14 до 21 септември во Битола.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.