Концерт за виолончело и пијано вечерва на Охридско лето

Целовечерен концерт во рамките на музичката програма на фестивалот Охридско лето, вечерва, во црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот, ќе имаат рускиот виолончелист Кирил Родин и бугарската пијанистка Жени Захариева.

Кирил Родин е роден во Москва. Учи во музичката школа „Гнесин“ по што следуваат студиите на Московскиот конзерваториум во класата на Наталија Шаховскаја. Во 1984 и 1986 година е добитник на први награди и златни медалји на натпреварите на Музичката младина во Белград и на VIII интернационален натпревар „П. И. Чајковски“. Својата кариера како солист ја гради со настапи со врвни светски оркестри и диригенти: Гергиев, Федосеев, Дутоа, Горенштајн, Овчиноков и многу други, а настапува во повеќе од 40 земји во светот. Како камерен музичар е член на триото „Брамс“ и на ансамблот „Пјацола студио“. Неговите многубројни снимени материјали вклучуваат дела од: Бах, Бетовен, Хајдн, Григ, Паганини, како и од руските композитори: Рахманинов, Аренски, Римски-Корсаков, Шостакович и многу други. Кирил Родин е член на жири-комисии на интернационални натпревари во Русија и светот, а денес напоредно со солистичката кариера е и професор на конзерваториумот „П. И. Чајковски“ и редовен гостин професор на Конзерваториумот во Пекинг, Р. Кина.

Пијанистката Жени Захариева е присутна на светските концертни сцени повеќе од 60 години. Кариерата ја води во многубројни концертни сали во Европа, САД, Азија и во Африка, а за нејзините уметнички достигнувања и придонес кон културата носител е на голем број исклучителни признанија, како „Кристална лира“ за врвни уметнички достигнувања, Државната награда на Р. Бугарија доделена за заслуги кон нацијата и државата, наградата „Златен век“ за придонес во бугарската музика и култура, највисокиот француски орден доделен за достигнувања во културата и уметноста, како и признанија од Јапонија и други земји. Настапува со голем број светски оркестри и диригенти, меѓу кои: оркестрите во Хаг, Амстердам, Лиеж, Москва, Сингапур, Софија и многу други под диригентската палка на: Вероника Дударова, Томас Зандерлинг, Инго Мецмахер и многу други бугарски и странски уметници.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.