Впечатоци за претставата „Последната лента на Крап“ во изведба на маестралниот Ѓорѓи Јолевски

Можноста што ја имавме ние, гледачите, да поразговараме со актерот и режисер Ѓорѓи Јолевски непосредно по изведбата на неговата (и Бекетова) претстава „Последната лента на Крап“ во Македонскиот народен театар ни покажа колку е важен живиот и отворен разговор за уметноста денес и како се преплетуваат уметничката креација и човечката егзистенција.

Поаѓајќи од одговорот на прашањето што значи да се поставува драмски текст за самонаметната, доброволна изолација во време на сеопшта изолација, Јолевски ни ги толкуваше поттекстите низ кои ова драмско дело, напишано пред повеќе од шеесет години, говори за нашата реалност, за она што се случува сега и овде, или уште поточно: сега и насекаде во светот. Одговарајќи на нашите прашања за неговата режисерска поетика и актерска изведба, Јолевски ни го образложи своето сфаќање на целокупното творештво на Бекет како откривање на светлина во темнината и ја посочи својата верност на ремарките во делото на овој автор како начин да ѝ дозволи на тишината да проговори и како предуслов да го оствари своето поимање на „Последната лента на Крап“ како музичка симфонија во која зборот и молкот се контрапунктирани.

Тоа чувство на благодарност кое како гледачи и соговорници го понесовме со себе по гледањето на претставата „Последната лента на Крап“ и по разговорот за неа со Јолевски верувам ќе го имаат и сите идни гледачи и соговорници, затоа што произлегува од проникнувањето на достоинството на уметничкото творење и на достоинството на доживувањето на едно уметничко дело.

Гоце Смилевски, писател

Со оваа изјава на писателот Гоце Смилевски ја најавуваме следната изведба и разговор со првенецот на МНТ, Ѓорѓи Јолевски, како и гостинот Владимир Јанчевски, историчар на уметност, куратор и преведувач и драматург на претставата, на тема: „Македонскиот јазик во преводот на 'Последната лента на Крап' и фазите на подготовки во општествените околности“.

Изведбата и 30-минутниот разговор се закажани на 3.11. на малата сцена со почеток во 20:00 часот, а публиката има можност билетите да ги купи онлајн преку веб-страницата www.mnt.mk, како и на билетарницата во МНТ.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.