Oбјавена книгата „Слободата на стихот“ - студија за македонскиот слободен стих од авторката Сузана В. Спасовска

Деновиве, од печат излезе книгата „Слободата на стихот“, студија за македонскиот слободен стих, од авторката Сузана В. Спасовска, како самостојно издание. Книгата е поддржана на годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес за 2021 година.

Студијата претставува магистерски труд на авторката, одбранет на Филолошкиот факултет во далечната 2002 година. Рецензенти на изданието се професорите Венко Андоновски и Славен Јуриќ од загрепскиот универзитет. Во рецензијата за оваа книга, меѓу другото, може да се прочита и следново: „Спасовска направила две нешта: прво, сумариум на досегашната стихологија на балканските и потесно на македонските простори и, второ, понудила своја типологија на слободниот стих. Тоа е крупен чекор не само за стихологијата, туку за филолошката наука воопшто“.

 

 

Книгата содржи 270 страници, во кои се проблематизира прашањето на слободниот стих во теориската литература и преку структуралистичко-семиотички пристап се прави обид да се дефинира слободниот стих, да се категоризираат неговите карактеристики и да се типологизираат видовите слободен стих. Книжевните анализи во книгата се направени врз примери од поезијата на осум современи македонски поети: Конески, Шопов, Тодоровски, Матевски, Урошевиќ, Ѓузел, Павловски и Ренџов. Книгата „Слободата на стихот“ претставува една од ретките научни публикации посветени на прашањето на слободниот стих.

Сузана В. Спасовска е родена во јуни, 1972 година, во Ротердам, Холандија. Дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во моментот работи на својата докторска теза од областа на орфизмот и поезијата. Досега објавила шест стихозбирки - „И љубов и заговор“ (1996, „Македонска книгаз“), „Смртно писмо“ (2004, „Блесок“), „Божествена жена“ (2006, „Темплум“), „Низ темјанот, еден лилјан“ (2014, „Антолог“), „Пеперутка од пепел“ (2018, самостојно издание) и „Јазикот на светлината“ (2020, „Македонија презент“).





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.