Обвинителството ќе го чека и извештајот на Министерство за здравство за починатата Јана, обдукцискиот наод уште го немаат

Обдукцискиот наод, кој треба да покаже од што почина петгодишната Јана Христовска, сè уште не го добиле во битолското Обвинителство. Кога ќе биде изработен, првин ќе биде даден во Министерството за здравство, па ќе го земе обвинителот. Кога комисијата од Министерството ќе донесе заклучок за постапувањето на медицинскиот персонал – ќе биде предаден и остатокот од документацијата кај обвинителот.

„Обдукцискиот наод не е доставен до Основното јавно обвинителство Битола, но во меѓувреме преземени се повеќе дејства за испитување на настанот. Извршен е распит на повеќе лица, кои имаат определени сознанија, и обезбеден е дел од медицинската документација. Преостанатиот дел од документацијата најпрвин ќе биде потребен за работата на комисијата за оценка на стручноста во постапувањето формирана од Министерството за здравство. По завршување на нивното постапување, Обвинителството ќе го обезбеди и нивниот и извештајот од Државниот здравствен и санитарен инспекторат во поглед на почитувањето на медицинските протоколи. По завршување на сите проверки, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката“, посочи Обвинителството за „Макфакс“.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола, каде што почина петгодишната Јана Христовска. Здравствените инспектори констатирале дека на девојчето му била дадена гликоза заедно со физиолошки раствор, но тоа не е констатирано како грешка на педијатрите што го третирале девојчето. Направен е и увид во медицинската евиденција, а земени се изјави и од здравствените работници што го третирале детето.

Сведоштво за последните моменти на Јана имаше и татко ѝ за „Макфакс“. Тој и неговата сопруга се убедени дека за смртта на нивната ќерка пресудна била инфузијата со гликоза што ја добила и покрај тоа што претходно анализите покажале дека шеќерот ѝ е 9. По инфузијата, шеќерот ѝ се качил на 19 и состојбата ѝ се комплицирала, а по три часа, им соопштиле дека починала.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.