Пратениците, според Уставот, треба да го видат договорот за коридорите, а не да им биде прераскажуван, рече Милошоски

Според Уставот и според Законот за класифицираните информации, пратениците што поседуваат безбедносен сертификат имаат право на пристап до секој документ „државна тајна“ и тие треба да го видат договорот за коридорите, а не некои владини министри да им го прераскажуваат. Ова го истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, на прес-конференција откако претседателот на Собранието, Талат Џафери, најави дека договорот ќе биде презентиран од владини претставници.

Милошоски вели дека пристап значи да ги имате документот и договорот в раце, да ги анализирате и да знаете кои се добри, а кои лоши клаузули за буџетот.

Второ, рече тој, Џафери со ваквиот став не личи како прв помеѓу пратениците, во тој случај прв би сакал да го види договорот, туку се однесува како владин министер што ја штити Владата и не го интересира како ќе се потрошат 1 или 2 милијарди од државниот буџет.

Пратеникот вели дека криењето на договорот е најсилна индикација дека тоа што го прифатиле Артан Груби и Димитар Ковачевски има силни индиции за корупција и криминал.

„Секој премиер или министер што потпишал добар договор во интерес на државата или граѓаните би сакал тој договор да го види јавноста и обратно, секој оној што крие договор од јавноста, само ги потврдува сомнежите дека тој договор е на штета на буџетот и има клаузули што се податливи за корупција и криминал“, рече Милошоски.

Заклучи дека Ковачевски и Артан Груби може да кријат договори на своите приватни фирми, тоа се нивни приватни средства и нивни приватни договори и имаат право да не ги споделат со јавноста. Но, секој што потпишува договор, во кој обврските ги преземаат буџетот и државата, има обврска кон даночните обврзници да ги направи тие договори јавни за да видиме што е во нив добро, а што е лошо или криминално.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.