Ковачевски за Судскиот совет: Дали некој им се мешал треба сами да си пријават, јас лично никогаш не сум имал состанок

По вчерашниот неуспешен обид за избор на нов претседател на Судскиот совет и обвинувањата што следуваа дека со одлагањето на седницата се остава простор за влијанија за да се стокми мнозинство, премиерот Димитар Ковачевски денес ги охрабри судските органи да пријават доколку некој им се мешал. Премиерот за себе рече дека никогаш немал состанок со претседател на суд, ниту со претседател на Судскиот совет.

„Јас лично за мене можам да кажам дека никогаш не сум имал ниту еден состанок со ниту еден претседател на суд ниту, пак, со претседател на Судскиот совет бидејќи судовите се независни, судската власт е независна, извршната власт е независна и законодавната власт е независна. Секој мора да си ги извршува работите во рамките на своите надлежности. Дали некој им се мешал, тоа ќе треба самите да го пријават преку соодветна процедура“, рече премиерот Ковачевски.

Сцени како оние од седницата за разрешување на досегашната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, премиерот Ковачевски повтори дека не му прилегаат на највисокиот орган во правосудството.

„Министерот за правда вчера имаше соопштение во кое го даде мислењето што и јас го делам. Тој побара во рамките на своите надлежности да го видат во Министерството за правда записникот од самата седница. Она што останува е правосудните органи на нивото што е потребно да ја извршуваат својата работа“, вели премиерот Ковачевски.

Седницата за избор на нов претседател на Судскиот совет вчера беше одложена со образложение дека недостига еден член, а кога се работи за избор на претседател, телото треба да гласа во полн состав иако со еден член помалку претходниот ден од функцијата беше разрешена Дамева. Таа обвини дека се остава простор за влијанија од кои нејзиниот заменик не ги заштитува членовите на Судскиот совет и се посомнева дека го одлага гласањето оти нема мнозинство.
Нов обид за избор на претседател на Судскиот совет е закажан за 2 мај.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.