
Состанок вечерва во СДСМ за продолжување на дијалогот со опозицијата за уставните измени
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 09 Јуни 2023

Централниот одбор на СДСМ вечерва во 19 часот ќе се состане со цел за да го усогласат ставот околу преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени.
За заклучоците од седницата, јавноста ќе биде информирана по нејзиното завршување.
Претходно денес, портпаролот и пратеник на СДСМ, Дарко Каевски кажа дека на седницата ќе се дискутира за начинот и текот на дискусијата, разговорите и дебатата со ВМРО-ДПМНЕ.
„Уште еднаш ќе потенцираме, добро е што Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се согласуваат за уставните измени затоа што со тоа ќе придонесеме заеднички да ја исполниме децениската аспирација на граѓаните и нешто што им должиме на граѓаните, а тоа е европскиот пат на државата. Како што и веќе напоменав, разговорите очекуваме да продолжат во позитивен правец и заеднички да се радуваме на сето она што претстои и што е потребно да се направи за европскиот пат на државата“, рече Каевски.
Додаде дека одложеното дејство на уставните измени за нив е прифатливо до одржувањето на втората меѓувладина седница, а тоа го има и во преговарачката рамка. ВМРО-ДПМНЕ, наспроти тоа, бара уставните измени за внесување на Бугарите да стапат во сила во моментот кога Македонија ќе стане членка на ЕУ, за да не дојде до дополнителни условувања од бугарска страна.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
