Пад на вредноста на општинските тендери за една третина

Градот Скопје и 80 општини потрошиле 7,3 милијарди денари, односно 118 милиони евра за јавни набавки во 2022 година. Произлегува дека во 2022 година се потрошени дури 65 милиони евра помалку отколку во 2021 година, според Базата на податоци на тендерите на општините во 2022 година, што денеска ја објави Центарот за граѓански комуникации.

Пад на вредноста на јавните набавки во 2022 година е забележан кај 54 општини и Градот Скопје. Притоа, на листата на единици на локалната самоуправа со најголеми падови на вредноста на јавните набавки, која ја предводи Градот Скопје со намалување на тендерите од 31 милион евра, се наоѓаат и скопските општини Центар и Гази Баба, со падови од по 5 милиони евра, потоа Гостивар, со пад од 4 милиони евра, и Тетово, со 3 милиони евра.  Останатите општини имаат намалување на вредноста на набавките под 3 милиони евра.

Најголеми скокови во апсолутната вредност на тендерите во 2022 година имаат остварено општините Кисела Вода, со раст од 3,6 милиони евра, потоа Струмица, со 3,5 милиони евра, и Штип, со раст од 2,8 милиони евра.

И покрај големиот пад, јавните набавки на Град Скопје се на врвот според вредноста и изнесуваат 916 милиони денари, односно околу 15 милиони евра. Но, за разлика од претходните години, кога уделот на јавните набавки на Градот Скопје изнесувал и до една четвртина од вкупните набавки на локалните власти, во 2022 година тој удел е намален на само 13 %.

За падот на досегашната  доминација на скопските општини во однос на трошоците за јавни набавки говори и податокот дека во Градот Скопје и 10-те скопски општини се потрошени околу 40 милиони евра, што е половина од потрошеното во 2021 година во износ од 82 милиони евра. Поради овој пад, уделот на скопските општини и Градот Скопје во вкупните набавки е намален од 45 % во 2021 година на 33 % во 2022 година.

Во првата десетка единици на локалната самоуправа со најголема  вредност на тендерите, зад Градот Скопје се Кисела Вода и Битола, со вредност од по речиси 7 милиони евра, потоа е Струмица, со 5,4 милиони, па Штип, со 4,8 милиони евра, Кавадарци, со 4,4 милиони евра,  Центар, со 4,2 милиони евра, Куманово, со 4,1 милион, Гостивар, со 4 милиони, и Гази Баба, со 3,4 милиони евра. За нерамномерноста меѓу општините говори податокот дека овие десет единици на локална самоуправа имаат вредност на набавките буквално колку преостанатите 71 општина заедно.

Над еден милион евра имаат 30 општини, следни се 21 општина, со вредност на јавните набавки помеѓу половината и еден милион евра, потоа 21 општина имаат договори за јавни набавки во вредност од 200 илјади до 500 илјади евра и на крајот се 9 општини чии јавни набавки се вредносно под 200 илјади евра.

На дното од табелата, со убедливо најмала вредност на јавните набавки, е Општина Вевчани, со само 50 илјади евра. Веднаш пред неа е Општина Лозово, со јавни набавки од 53 илјади евра, потоа општините Центар Жупа, Шуто Оризари и Старо Нагоричане, со набавки од 113 до 129 илјади евра.

На јавни набавки по жител се потрошени од 5 до 392 евра

Просечно, на јавни набавки по жител во 2022 година се потрошени по 69 евра, што е за 15 евра, односно 18 %, помалку од 2021 година, кога просекот изнесуваше 84 евра по жител. На врвот во 2022 година e Општина Карбинци, со 392 евра вредност на јавните набавки по жител. Општината имала поголеми инфраструктурни проекти, како што се санација на мост на река Брегалница кај село Долни Балван, регулација и уредување на речно корито на Козјачка Река, како и реконструкција на улици. На второ место е Петровец, со 316 евра, потоа следуваат Општина Новаци, со 277 евра по жител, Општина Дојран, со 167 евро, и Општина Росоман, со 164 евра. Сите останати општини имаат вредност на јавните набавки помали од 150 евра по жител.

На дното е Општина Шуто Оризари, со само 5 евра по жител, а пред неа Врапчиште, со 17, и Сарај, со 20 евра по жител.

Гледано во однос на консолидираните буџети на единиците на локалната самоуправа, произлегува дека, просечно, на јавни набавки во 2022 се потрошени 19 % од консолидираните буџети на општините и на Градот Скопје. Висок удел од 30 % до 62 % од буџетот трошат само 10 општини, по што следуваат 23 општини кои на јавни набавки трошат од 20 % до 30 % од буџетот, а најголем дел од општините, односно 35, имаат удел во буџетите од 10 % до 19 %. На дното се 13 општини во кои на јавни набавки се трошат од 3 % до 9 %.

Вредноста на набавките по жител, како и уделот на вредноста на јавните набавки во општинските буџети се дел од параметрите кои можат да се видат на ниво на сите единици на локалната самоуправа во Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2022 година.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.