Функционерите шест месеци земаат 78 отсто повисоки плати оти премиерот Ковачевски не сака да избрза со новото решение, па и тоа да падне на Уставен суд

Место во април, веднаш откога Уставниот суд ја донесе одлуката платите на функционерите да се зголемат за 78%, премиерот Димитар Ковачевски вели дека вчера била отворена дискусија како би требало да изгледа новиот модел за пресметка на плати со кој тие ќе се намалат оти не сакаат да избрзаат со решението па и тоа да падне на Уставен суд. Новото решение, премиерот Ковачевски објаснува дека треба да се усогласи со многу различни страни оти не се носи одлука само за платите на министрите туку и за градоначалниците, судиите, обвинителите, пратениците…

„Мора да биде прифатливо прво од правен аспект, затоа што двапати е носено решение кое паѓа на Уставен суд. Не еднаш туку двапати.  Второ, уште пред да се случи одлуката на Уставниот суд јас кажав дека се работи на закон за плати со кој треба да се стави ред во платите во јавниот сектор. Да се знае која е највисока плата и потоа како одат нивоата на платите согласно со одредени критериуми. Во Министерството за администрација и информатичко општество исто така во изминатиот период работеа на тоа решение. Тоа мора да биде усогласено со повеќе различни страни бидејќи зборуваме за плати кои што се однесуваат не само на 21 член на Владата туку се однесуваат на 120 пратеници, на 80 градоначалници, на скоро 600 судии, обвинители 300 и така натаму. Не дефинираат плата само на 20 министри кои ќе донесат одлука и потоа ќе отиде решението кое не е усогласено со никого, ќе влезе во собраниска процедура. Дури и да се донесе некое решение кое не е издржано, тоа повторно ќе заврши на Уставен суд, како што , повторувам, двапати имаше такви решенија“, рече премиерот Ковачевски.

Министри од областа на трудот и социјалата и од економските ресори работат на новото решение за чија изработка премиерот Ковачевски им дал рок од две недели во кои треба да изготват работна верзија. Тој денес по посетата на компанијата „Вивакс“ одговарајќи на новинарско прашање за намалување на платите на функционерите уште еднаш повтори дека одлуката која ги зголеми платите е всушност на Уставниот суд кој го одмрзна 12- годишното замрзнување на платите кои требало да се покачуваат по 6,5 % годишно. Потсети дека на Уставен суд падна и обидот во корона-кризата функционерите да се стават на минимални плати.

„Затоа во рамки на Владата беше формирана работна група која е составена од министри, од областа на трудот и социјалата, од економските ресори, кои ќе треба да изработат решение кое ќе биде одржливо и нема пак да биде предмет на поништување од уставниот суд. Носење решенија кои го дерогораат системот на плати, каде за некои вработени важи еден систем на пресметување плата, а за други друг систем за пресметување на плата, зборувам за јавниот сектор, ќе значи веднаш реакција, како во два случаи досега, и третпат од страна на највисоката судска инстанца“, рече премиерот Ковачевски.

По кој нов коефициент ќе се пресметуваат платите премиерот Ковачевски не можеше да каже оти за различни функции имаат различни коефициенти оти се во различни области.

Уставниот суд во март годинава ја донесе одлуката со која за 78% се зголемија платите на 1050 избраните и именуваните лица. Во меѓувреме на протести за поголеми плати излегоа и сè уште излегуваат здравствените работници, судските работници, пензионерите, а студентите се пожалија дека гладуваат додека функционерите се луксузираат со зголемување и онака високите плати.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.