Андоновски: Македонија гради сеопфатна сајбер-безбедносна инфраструктура

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, најави планови за зајакнување на сајбер-безбедноста во земјата на дводневната работилница во рамките на проектот „Регионална сајбер-безбедност во Западен Балкан – интервенции за Република Македонија“.

Андоновски во своето обраќање ги истакна предизвиците со кои се соочува земјата, при што истакна: „Изминатиот период бевме сведоци на зачестени сајбер-напади врз критичната инфраструктура како во нашата земја така и во регионот. Нашата критична инфраструктура – енергетските системи, водоснабдувањето, транспортот, здравството – се во срцето на функционирањето на нашата држава. Нивната заштита е наш врвен приоритет“.

Тој потенцира дека Министерството за дигитална трансформација неодамна почна со изработка на новата национална стратегија за сајбер-безбедност на Република Македонија за периодот 2024 – 2028 година, како и дека е формирана работна група составена од експерти од разни области, која веќе почна интензивно да работи на оваа стратегија. Оваа стратегија ќе биде усогласена со најновите директиви на Европската Унија, вклучувајќи ја и НИС 2.

„Владата на Република Македонија ја препознава клучната важност на сајбер-безбедноста за нашиот национален развој и просперитет. Како Министерство за дигитална трансформација, ние сме длабоко посветени на создавањето сеопфатна сајбер-безбедносна инфраструктура. Нашата цел е не само да реагираме на заканите туку и активно да ги антиципираме и спречуваме потенцијалните ризици“, заклучи Андоновски.

Работилницата е дел од проектот „Регионална сајбер-безбедност во Западен Балкан – интервенции за Република Македонија“, финансиран од страна на владата на Обединетото Кралство, со цел подигнување на свеста, градење капацитети и поттикнување позитивни промени во примената на сајбер-безбедноста во земјата. Проектот ќе трае од август 2023 до март 2025 година.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.