Од утре инспекторите на терен, ќе проверуваат дали училишниот прибор се продава со ограничена маржа

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, ги повика трговците веднаш да ги приспособат цените на училишниот прибор во согласност со одлуката на Владата за ограничување на профитните маржи.

 

„Трговците што се опфатени со одлуката на Владата за училиштен прибор имаат обврска да ги усогласат цените на производите. Од утре инспекторите ќе бидат на терен и ќе вршат контроли за да се утврди дали трговците постапиле во согласност со оваа одлука. Инспекторите ќе постапуваат во рамките на нивните надлежности, кои произлегуват од одлуката, а во согласност со тоа и според Законот за трговијата“.

 

Со одлуката се определува највисоката трговска (профитна) маржа како посебен услов во трговијата со училиштен прибор, и тоа:

 

– ранци и чанти;
– тетратки, блокови, нотеси, колажи;
– средства за пишување (моливи и пенкала);
– дрвени боици;
– пластелин, теста за моделирање, подлоги;
– фломастери и маркери;
– мрсни боици;
– темперни, акрилни, водни бои и четки;
– линијари и дидактички материјали;
– острилки и гуми за бришење;
– детски ножици;
– футроли, етуи и училишни додатоци;
– лепило;
– шестари, дигитрони, компаси и лупи;
– чаши за прибор и држачи;
– украсни хартија;
– папки и картонски чанти и
– материјали за изработки.

 

Највисоката трговска (профитна) маржа за наведените стоки за сите трговски друштва и трговци поединци што учествуваат во трговскиот синџир во трговијата на големо се утврдува во вкупен износ до 5 %, а во трговијата на мало се утврдува во вкупен износ до 10 % и ќе се применува до 20 октомври 2024 година. Начинот на кој ќе се постапува доколку некој од трговците дејствува спротивно од одлуката е предвиден во Законот за трговијата. Во случај да се утврди прекршување на одлуката ќе следуваат казни што произлегуваат од Законот за трговијата! Казните се високи и изнесуваат од 800 до 10.000 евра во зависност од големината и видот на трговецот.

 

„Напоменувам дека Државниот пазарен инспекторат ќе постапува исклучиво по однос на контрола на цените утврдени со одлуката, но нема надлежност да постапува ниту, пак, да влијае врз формирањето цени во трговијата на големо и трговијата на мало.

 

Како што постапувавме претходно, така и сега, нема да има компромис за никого, законот ќе важи еднакво за сите и сите трговци опфатени со одлуката имаат обврска да ја почитуваат!“, рече Трајковски.

 

Тој апелира да се почитува одлуката и ги повикува граѓаните доколку забележат неправилности, веднаш да пријават во Пазарниот инспекторат.

 

„Работиме во интерес на граѓаните и токму затоа е донесена оваа одлука, да се спречи личното профитерство и злоупотребата на граѓаните“, додаде тој.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.