Јаневска: Состојбата со снабденоста со учебници е одлична, ако директорите не си ја завршиле работата, ќе им биде нагласено дека згрешиле

Според министерката за образование и наука, Весна Јаневска, состојбата со снабдување со учебниците во државата во основните и средните училишта е одлична.

 

Ние сме објавиле, појасни денеска Јаневска, за кои предмети треба или не треба.

 

„За изборните предмети, деловите од новата концепција, кои ние како нова Влада ги прифаќаме, вели дека не треба да има учебници, туку учениците преку интерактивна работа меѓу себе и со наставниците ќе ги стекнуваат знаењата. За информатика како изборен предмет не треба да има“, прецизира министерката.

 

Вишок испечатени учебници има по предметот географија за шесто одделение, вели Јаневска.

 

„Ако директорот не порачал учебници, прашањето треба нему да му го поставите. Ако директорите не си ја завршиле работата, не е одговорност на Министерството. Ќе направиме посебни напори од тие вишок книги по процедура да обезбедиме учебник онаму каде што нема. Ќе им биде нагласено дека згрешиле“, нагласи таа.

 

Во врска со цената за работните тетратки за петто одделение, Јаневска вели дека Владата е само два месеца на власт и сѐ што можеше да се направи, веќе е направено.

 

„Сѐ е предвидено со буџетот за следната година. Сите олеснувања за учениците и родителите се во правец да му помогнеме на целото население“, рече Jаневска одговарајќи на новинарски прашања.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.