Муцунски разочаран: Еден од претседателите на историските комисии дејствува политички, кадровските промени се потребни

Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, сѐ уште се консултираат за кадровските промени во составот на историските комисии со Бугарија и Грција, а во следните недели ќе биде донесена конечна одлука, која ќе биде објавена на владина седница.

 

Министерот Муцунски, одговарајќи на новинарски прашања, најави дека ќе има промени, но и одреден континуитет и на двете комисии.

 

„Факт е дека се потребни одредени кадровски промени, но не целосно за комисијата да има и континуитет. Имаме свои забелешки, би ги задржал за нас поради специфичноста на природата на работата на комисиите. Би дал совет – за да бидеме успешна држава, да го работиме она за што сме избрани. Да бидеме внимателни. Природата на овие позиции е таква што со мали гестови може да се предизвика сериозна штета на работата на нашата држава. Ние имаме обврска да креираме надворешна политика, а научниците да ја вршат својата работа поврзана со нивната научна дејност“, рече Муцунски.

 

Враќајки се наназад, министерот информира дека уште на почетокот на мандатот, разбирајќи го значењето на овие две комисии, инсистирал веднаш да се сретне со двајцата претседатели, амбасадорот Виктор Габер, кој раководи со комисијата со Грција, и професорот Драги Ѓоргиев, претседател на комисијата со Бугарија.

 

„Сметав дека имавме сосема коректни средби на кои тие споделија со мене некои информации за да добиеме некои информации што постигнале и на што понатаму треба да се работи. Поради специфичната природа на работата, не можеме сите работи да ги кажеме во јавност. Прилично сум изненаден што деновиве гледам еден научник, кој е ангажиран и доста коректно платен од страна на државата, како се обидува себеси политички да се профилира и додека е сѐ уште во тековен мандат како претседател на една од комисиите. И со тоа се поткопуваат позициите на државата. Разочаран сум од пристапот“, рече Муцунски.

 

На темата деновиве се осврна и премиерот Христијан Мицкоски, кој ги најави кадровските промени.

 

„Има некои идеи и размисли. На следната владина седница или по неа, ќе помине новиот состав на комисијата, која преговара со нашиот источен сосед, па и со нашиот јужен“, рече Мицкоски.

 

Според него, актуелните членови од македонската страна не ги оправдале очекувањата и не ги штителе националните интереси.

 

Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија беше формирана во 2017 година по потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија. Досега се усвоени препораки за заедничко чествување на Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски и на цар Самуил и пет препораки за измени во учебници во Македонија и Бугарија. Интердисциплинарната комисија на експерти за историски, археолошки и образовни прашања со Грција беше формирана со договорот од Преспа.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.