Војниците поднесоа кривична за Славјанка Петровска, го спречила синдикалното движење, а најавија и протести пред Владата оти Мислајловски 130 дена ги игнорира

Независниот синдикат на професионални војници (НСПВ) поднесе кривична пријава против поранешната министерка за одбрана, Славјанка Петровска, под сомнение дека ја злоупотребила службената должност и го спречила синдикалното движење. Претседателот на Синдикатот, Александар Насковски, цели дека и актуелното раководство во Министерството ги игнорира нивните проблеми, па најави протести пред Владата доколку не се најде решение.

 

„Пријавеното лице во периодот од 1 декември 2023 година до 28 мај 2024 година го сопре функционирањето на Синдикатот спротивно на Законот за работните односи, ја сопре уплатата на членарината спротивно на колективниот договор на Министерството за одбрана, го замрзна членството и со сето тоа го спречи синдикалното движење на Синдикатот, како и неговото работење за подобрување на правата на припадниците на Армијата“, рече претседателот на НСВП, Насковски.

 

Со спречувањето на синдикалното движење професионалните војници велат дека поранешната министерка ги прекршила Законот за работните односи, колективниот договор, општиот колективен договор за јавниот сектор и конвенциите на меѓународната организација на трудот.

 

Насковски обвини за фалсификати и наследен криминал во Министерството за одбрана од претходната министерка.

 

„Како моментно најкорумпирана институција, за период од девет месеци се направија три фалсификати. Од страна на криминалната група е Министерството за социјална политика, демографија и млади. Овие фалсификати ги потпишаа тројца министри и се спроведоа во Министерството за одбрана. Тој криминал е наследен од претходниот министер и трае и ден-денес во рамките на Министерството за одбрана. Во која НАТО-армија Синдикатот е блокиран, не се почитуваат одлуките на претседателот и средствата се префрлаат на друга сметка и на друго лице? Цврсто сме убедени дека министерот за одбрана е добро манипулиран од структури во Министерството за одбрана, кои од многу одамна дејствуваат во Министерството за одбрана и секогаш се појавуваат кога се во прашање професионалните војници и нивниот Синдикат“, вели претседателот на НСВП, Насковски.

 

Тој јавно го повика актуелниот министер за одбрана, Владо Мисајловски, да го разреши криминалот оти обидите на Синдикатот да договори средба со него не биле успешни. Во спротивно најави протести пред Владата.

 

„Ако во најбрз рок не се сопрат ова блокирање и криминалот врз Синдикатот во Министерството за одбрана, професионалните војници ќе излезат на протести пред Владата на Република Македонија како во 2009 година. Овој криминал трае цели 11 месеци. Треба да има социјален дијалог, а не да се блокира и да се краде Синдикатот. Професионалните војници бараат решавање на нивниот статус, право на пензионирање по 45. година и трансформирање на работниот однос на неопределено време. 130 дена имаме игнорирање од страна на министерот, немаме социјален дијалог, не нè повика да ги соопштиме овие проблеми, кои се преземени од претходниот министер и претходната влада“, рече Насковски.

 

Трипати се обратиле и до премиерот, од каде што двапати добиле половични одговори дека Министерството треба да им одговори за проблемите. Побарале средба и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова како врховен командант, но и од таму досега не добиле одговор на барањето да ѝ ги соопштат проблемите. Поради молкот на институциите, професионалните војници сметаат дека ги искористиле сите демократски начини за комуникација, па им останува да излезат на протест.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.