Средното училиште „Коле Нехтенин“ во Штип ќе се трансформира во регионален центар за стручно образование и обука
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 07 Ноември 2024
Општинското средно училиште „Коле Нехтенин“ во Штип ќе се трансформира во регионален центар за стручно образование и обука, кој ќе биде под надлежност на државата. Ова ќе биде процес, кој во согласност со планот за раст, ќе треба да се заокружи во временска рамка од три години.
За ова информира министерката за образование и наука, Весна Јаневска, при денешната посета на општина Штип додавајќи дека станува збор за важна одлука во рамките на заложбите на Владата за унапредување на квалитетот на националниот образовен систем и негова синхронизација со пазарот на труд.
„Следува дефинирање на струките што тука ќе се нудат за кадар кој е недоволен во моментот за потребите на индустријата во регионот. Ќе работиме на поврзување на ова училиште со бизнис-заедницата и ќе направиме крупни инфраструктурни инвестиции за модернизација на условите за настава за што се надевам дека ќе добиеме финансиска поддршка од Европската Унија како што добивме и за претходно формираните регионални центри“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека „Коле Нехтенин“ ќе биде шестиот регионален центар за стручно образование и обука што се отвора во државата. Три се веќе интегрирани во образовниот систем и добро функционираат, а два се во процес на трансформација. Предвидено е во секој од осумте плански региони да има ваква образовна установа, која ќе овозможува и промовира стручно образование.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс