Прва седница на Советот за координација на активностите поврзани со членството на Македонија во НАТО
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 08 Ноември 2024
Денеск,а се одржа првата седница на Советот за координација на активностите поврзани со членството на Република Северна Македонија во НАТО во новиот состав на Владата.
Седницата ја водеше претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во својство на претседавач на Советот, на која присуствуваа сите членови на Советот, како и амбасадорите на земјите членки на НАТО во земјата на негова покана.
Мицкоски ја истакна важноста од нашето членство во НАТО, како и блиската меѓуинституционална координација во рамките на Владата, по значајни прашања од агендата на НАТО и реализацијата на нашите обврски што произлегуваат од членството во алијансата.
„Како кредибилен сојузник, нашата земја останува посветена кон својата определба за придонес за зачувување на колективната безбедност и регионалниот мир, стабилност и просперитет. Воедно, во согласност со нашите можности и капацитети, остануваме посветени за обезбедување одржлива поддршката за Украина и нејзините стремежи за постигнување на мир. Импликациите од актуелните глобални безбедносни предизвици бараат обединет и силен одговор од сите членки на алијансата.
Во оваа пригода упатуваме благодарност до сојузниците со кои заеднички ги споделуваме евро-атлантските вредности и одговорности за нашата заедничка безбедност и стабилност, како и за поддршката што ја даваат за зајакнување на националните капацитети и одржување на нивото на подготвеност како земја членка на НАТО“, истакна Мицкоски.
На седницата се обрати и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во својство на копретседавач со Советот.
„Денешниот состанок на Советот, кој претставува платформа за сеопфатна размена на информации и дискусија за сите значајни теми и градење национални позиции, како и предлагање одлуки за нивна имплементација, е практичен доказ за нашите заложби за квалитетен придонес кон унапредување на регионалниот мир и стабилност, но и целокупната трансатлантска безбедност. Наша цел е да се фокусираме на воспоставување целосно функционална, ефективна и одржлива структура, каков што е Советот, во насока на натамошно зајакнување на нашите институционални капацитети, креирање политики и дефинирање на ставови, еднакво важни за земја и за алијансата“, порача Муцунски.
На седницата се обрати и министерот за одбрана Владо Мисајловски во својство на копретседавач со Советот.
„Денес, одржавме редовна седница во нов состав на Советот, на кој дискутиравме за тековните прашања од значење на одбраната и безбедноста на државата за кои се побарува сеопфатен пристап, усогласени ставови и координиран настап во НАТО-контекст. Во согласност со дневниот ред, разговаравме за модалитетите за понатамошната поддршка на Украина, го брифирав Советот за активностите на полето на одбраната, а поврзано со донесените одлуки содржани во декларацијата донесена од страна на шефовите на влади и држави, кои учествуваа на самитот на НАТО во Вашингтон, како и за редовниот состанок на министрите за одбрана одржан 17-18.10.2024 година во седиштето на НАТО во Брисел, К. Белгија“, порача Мисајловски.
Во оваа пригода членовите на Советот имаа можност да разменат мислења за актуелните безбедносни состојби, вклучително и реализацијата на одлуките донесени на самитот на НАТО во Вашингтон, вклучително и за состојбите во Украина, нашите заложби за обезбедување долгорочна поддршка на Украина, како и за исполнувањето на нашите обврски за промовирање на безбедноста на регионално и глобално ниво заедно со другите сојузници во НАТО.
Предвидено е Советот да се состанува редовно со цел одржување соодветна динамика на активно следење на состојбите и потребите на алијансата во согласност со обврските што произлегуваат од нашето членство во НАТО.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс