Од 15 ноември задолжително поседување зимска опрема

Министерството за внатрешни работи ги потсетува граѓаните дека од 15 ноември до 15 март возилата што учествуваат во јавен сообраќај на патиштата задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема.

 

Зимската опрема за моторни возила што не надминуваат 3.500 килограми подразбира: зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 4 милиметри; пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина со најмалку 4 мм ако возилото во приборот поседува синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

 

За моторни возила со погон на четири тркала (4×4): зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм; пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина со најмалку 4 мм ако возилото во приборот поседува синџири за снег и во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната оска, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената оска.

 

За моторни возила што надминуваат 3.500 кг: зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм. Пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина со минимум 4 мм ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала; автобуси и товарни моторни возила, кои поради технички причини, не може да постават синџири за снег на погонските тркала, треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.

 

Зимски пневматици се оние пневматици што на својата бочна страна имаат ознака MS, M+S, M&S и знак за снегулка на стилизирана планина со три врва.

 

Согласно одредбите од правилникот за задолжителна опрема на возилата, во патниот сообраќај на возилата е забрането поставување пневматици со клинци.

 

МВР апелира до возачите да се придржуваат кон законската обврска за поседување зимска опрема бидејќи така овозможуваме непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата во зимски услови.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.