Тошковски на 7. министерска конференција од Будимпештанскиот процес: Земјите треба да бидат целосно јасни во својата миграциска политика
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 12 Ноември 2024
Министерот за внатрешни работи е во посета на Будимпешта каде учествува на 7 Министерска конференција во рамки на Будимпештанскиот процес. Министерот Тошковски се обрати во рамки на сесијата на која министрите го усвоија Планот за акција на Будимпештанскиот процес 2025-2030 кој во себе содржи шест приоритетни цели како спречување на нерегуларна миграција и борба против криумчарење мигранти и трговија со луѓе и зајакнување на соработката во областа на граничното управување и зајакнување на постоечките политики и патишта за легална миграција и мобилност.
Министерот Тошковски во своето обраќање потенцираше дека земјите треба да бидат целосно јасни во својата миграциска политика – или ќе имаат отворени граници без никакви рестрикции или ќе стават јасно до знаење кои се условите за престој во нивните земји.
„Јас лично сум во првите редови на поборниците за регионална, мултилатерална, па и интерконтинентална соработка во секоја област. Македонија – за среќа или несреќа – спаѓа во земјите каде што илегалните мигранти, па дури и оние кои поднеле барање односно изјава за намера за поднесување азил, ја напуштаат територијата на земјата во првата дадена прилика. Миграцијата е европски предизвик кој бара европски одговор. Оваа изјава ја слушаме се почесто и за волја на вистината, успех е што стигнавме и до неа. Беа потребни – еве веќе – десетина години за да се соочиме со фактот дека еден ист предизвик односно неговото справување бара заеднички и униформиран одговор. Пактот за азил и миграција е патот напред и за земјите членки на Унијата, но и за нас, аспирантите кои – кога тогаш – ќе мораме да го спроведуваме или да го осигуриме неговото спроведување.“, потенцираше министерот Тошковски.
Тошковски на крај изрази надеж и сигурност дека Будимпештанскиот процес ќе продолжи да расте со заземен пристап заснован на почитување на човековите права, со заштита на ранливите лица и спречување на расизам, дискриминација и ксенофобија, а нерегуларната миграција ќе биде една тема од минатото и ќе зборуваме во контекст на успехот што сме го постигнале во нејзино сузбивање.
Mинистерот Тошковски оствари билатерална средба со државниот секретар на Државниот секретаријат за миграција на Швајцарија Кристин Шранер Бургенер. На средбата беше разгледана досегашната успешна соработка помеѓу МВР и министерството за правда и полиција на Швајцација, во борбата против илегалната миграција и криминалот со криумчарење на лица. Врз основа на потпишаниот Меморандум за разбирање меѓу Швајцарскиот федерален совет и нашата влада за воспоставување на партнерство за миграција се разговараше за идните чекори во регулирање на аспекти како реадмисија на државјани, лица без државјанство и државјани на трети земји.
Втора билатерална средба министерот Тошковски оствари со министерот за внатрешни работи на Пакистан, Сајед Мохсин Раза Накви која историски е прва средба на министри за внатрешни работи на Пакистан и Македонија и прва средба со министер на земја на потекло на мигранти.
На средбата министрите изразија надеж за плодна соработка и ги договорија следните чекори за потпишување на договор за реадмисија што е посебно важно бидејќи Пакистан е земја на потекло на миграцијата. На покана на министерот Накви се очекува во следниот период наша делегација да го посети Пакистан со цел институционално регулирање на борбата со нелегалната миграција.
Исто така на маргините на конференцијата Тошковски имаше разговор и со турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на која беше договорена средба која би се одржала во Анкара во текот на месец декември, во насока на зајакнување на досегашната успешна соработка.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс