Снегот нема да ги изненади институциите, државата е спремна за зимската сезона, нагласи Ангелов
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 13 Ноември 2024
Како држава сме подготвени за зимската сезона, порача директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Заклучокот, како што нагласи, доаѓа по одржаниот координативен состанок со повеќе државни институции, на кој биле разгледани институционалните капацитети за чистење на снегот на патиштата и подготвеноста за благовремено укажување помош на граѓани доколку за тоа има потреба.
„Оваа година надлежните институции нема да бидат изненадени бидејќи капацитетите на ЈП за државни патишта, како и ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, се целосно подготвени. Бројот на камиони е доволен за територијата на државата“, појасни Ангелов.
Според него, во случај на потреба на сопирање на сообраќајот на некои критични точки, особено пред превоите, МВР ќе испрати засилени екипи. Дополни дека ДЗС на располагање има два тима со возила со гасеници, кои се оспособени да отидат до тешко пристапни терени доколку е потребно и да се укаже помош за некој загрозен граѓанин.
„Апелирам граѓаните во претстојниот период да користат зимска опрема, особено зимски гуми, и да имаат синџири. Најдобрата препорака е доколку немаат неопходна потреба, да не излегуваат непотребно на патишта на кое има превои, односно места на кои патиштата минуваат на 1.000 метри надморска височина. Безбедноста да биде на прво место“, нагласи тој.
Оцени дека камионите за чистење снег имаат обезбедено доволна количина сол и веднаш ќе излезат на терен кога за тоа ќе има потреба.
„Нашите капацитети за чистење снег воопшто не се за потценување и не се послаби во однос на регионот“, истакна Ангелов
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс