„Скандалозно“ – Ахмети и Османи реагираа на изјавата на Курти дека албанскиот јазик не е под закана во Македонија
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 19 Ноември 2024
Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети и партискиот потпретседател, Бујар Османи, реагираа на изјавата на косовскиот премиер, Албин Курти, кој вчера во Приштина изјави дека албанскиот јазик не е загрозен во Македонија, спротивно на тврдењата на Интегративците.
Османи ја нарече скандалозна изјавата на Курти. Во разговор за косовските медиуми, Османи изјави дека изјавата на Курти е штетна и охрабрувачка за сите оние кои сакаат да го поништат Охридскиот договор.
Османи изјави дека македонската страна сметала оти Охридскиот договор предвидува албански јазик само во општините каде што над 20 отсто од населението се Албанци, но од нивна страна албанскиот јазик на сите нивоа во државата е еднаков со македонскиот јазик.Законот за употреба на јазикот, во член 1, вели дека службен јазик во државата е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Исто така, јазикот што го зборуваат повеќе од 20 отсто од населението е официјален јазик, вели Османи.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како што пренесоа косовските медиуми, пред сопартијците истакнал дека додека ДУИ е жива, во опозиција или на позиција, нема да толерира да биде погоден Охридскиот договор.
Косовскиот премиер вчера на заедничката прес-конференција со премиерот, Христијан Мицкоски, изјави дека треба да се почека одлуката на Уставниот суд во Македонија кој го почитува повеќејазичниот карактер во земјата.
„Во Северна Македонија нема закон за употреба на албанскиот јазик ниту, пак, имало во минатото. Постои Закон за употреба на јазиците што го говорат најмалку 20 отсто од граѓаните. А, тоа не е закон за албанскиот јазик, туку Закон за употреба на јазиците“, изјави вчера Курти одговарајќи на новинарско прашање за можноста за загрозување на албанскиот јазик во Северна Македонија, поради тврдењата на ДУИ.
Тој заклучи дека во Северна Македонија не може да се каже дека албанскиот јазик е службен јазик и дека сега е под закана, бидејќи тоа не е вистина.
Мицкоски пак рече дека судиите што во моментот се дел од Уставниот суд се избрани судии во време кога на власт беа Демократската унија за интеграција (ДУИ) и Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), и не му е јасно од каде впечатокот дека ВМРО-ДПМНЕ е семоќно, контролира и има влијание. Според премиерот ова прашање се актуелизира од страна на политичари што се темни сенки од минатото, што не можат да се слушнат да говорат за предлози и реформи во економијата, даночниот систем, образованието, туку единствената карта на која ја темелат децениската кариера е криминал и корупција и етнички конфликти.
Неодамна Ахмети испрати писмо до врвот на ЕУ, САД, премиерот Мицкоски, но и првите луѓе во Косово и Албанија, во кое изразува загриженост за неодамнешните одлуки на Уставниот суд.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс