Законите важат еднакво за сите: ДКСК за назначувањето членови на управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 21 Ноември 2024
Како што е утврдено со законот, ДКСК има обврска да спроведува превенција и да спречува можни злоупотреби на службената положба, судир на интереси и незаконско постапување. Во текот на спроведувањето на своите надлежности ДКСК не ги оценува личните ставови или политичките интереси на засегнатите лица, туку исклучиво се води од факти и законски утврдени обврски, соопштија од Комисијата.
Секој е должен, според напишаното од страна на кКмисијата, да го почитува Законот за спречување корупција и судир на интересите вклучувајќи ги и правосудните органи.
„ДКСК како самостојна и независна институција има законска надлежност и обврска да се грижи за доследно почитување на одредбите од Законот за спречување корупција и судир на интересите и нема да отстапи од својата мисија и цел. Констатирана повреда на законот со одлука на ДКСК во никој случај не претставува мешање во која било власт бидејќи законите важат еднакво за сите. Дејствита и одлуките што се во спротивност со Законот за спречување корупција и судир на интересите создаваат ризици од корупција и судир на интереси и не смее да опстојуваат како такви во правниот промет.
Државната комисија (по пат на ова соопштение) го реафирмира својот став изразен во одлуката бр. 09-2838/12, донесена на седницата одржана на 8.11.2024 година, дека одлуките на Судскиот совет на РСМ и Советот на јавните обвинители на РСМ за назначување членови на управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители не се во согласност со Законот за спречување корупција и судир на интересите и со Законот за Академијата за судии и јавни обвинители. Имено, пропишаната забрана за вршење други дејности и членување во управни и надзорни одбори за време на вршење на функцијата важи и во конкретниот случај. Членовите на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители, кои се од редот на обвинителите и судиите, се избрани да ја вршат функцијата член на советот професионално и за времетраењето на нивниот мандат како членови на советот не ја извршуваат функцијата судија, односно јавен обвинител, туку таа им мирува. Истовремено, со членот 9 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители е јасно пропишано дека советите назначуваат по двајца членови од редот на судиите, односно од редот на јавните обвинители, а не од сопствените редови.
ДКСК изразува благодарност до сите институции што ја следат работата на ДКСК и покажуваат подготвеност за соработка и ги почитуваат укажувањата и препораките од ДКСК и на тој начин даваат придонес кон остварување на заедничката цел – спречување на корупцијата во општеството.
ДКСК останува посветена на својата мисија и уверува дека секоја преземена активност е со целосна одговорност, транспарентност и во интерес на граѓаните на Република Северна Македонија“, се прецизира во информацијата.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс