Мицкоски: Неделава стопанството ќе добие средства од унгарскиот заем со историска најниска каматна стапка од 1,95 процент
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 25 Ноември 2024
Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на поставување камен-темелник за изградба на детска градинка во рамките на постојната ЈДГ „8 Март“ во општина Кисела Вода.
По настанот, одговарајќи на новинарско прашање од кога ќе може да се користат евтините банкарски кредити, кои се договорени со банките и под кои услови, информира:
„Ние нашето си го направивме, обезбедивме заедно со некои од банките навистина историски најниска каматна стапка од 1,95 процент. Под услови до три години грејс-период, значи тука ќе се плаќа само каматната стапка и до 15 години рок на отплата, бидејќи има компании што сакаат рокот на отплата да биде пократок, да не биде толку долго. Така што оставивме простор и го вметнавме она зборче ‘до’ и мислам дека е тоа добро за економијата имајќи предвид дека обврска на компаниите и е најмалку дваесетина проценти од проектот од сопствени средства да го финансираат“, изјави Мицкоски.
Според проекциите, очекува, како што рече, зимата да ја поминеме без поголеми потреси и изместувања на пазарот.
„Станува збор за 300 милиони евра, кога на тоа ќе се додадат уште половина милијарда, 500 милиони евра што ги реалоцираме од буџетот кон општините и оние проекти што Министерството за животна средина и транспорт беа закочени, тоа се 800 милиони. Имајќи предвид дека е проектиран домашниот бруто-производ на 16 милијарди, станува збор за 5 проценти од домашниот бруто-производ, средства што очекувам да бидат инвестирани оваа и в година. Тоа е алатката со која ќе се бориме против евентуалната економска криза поради кризата во автомобилската индустрија во Европа, нормално. Од аспект на енергетските ресурси, мислам дека тука е оптимална состојбата и дека оваа зима ќе ја поминеме без поголеми потреси и би рекол изместувања на пазарот.
Практично, оние два реални проблема што ги антиципиравме, кои може оваа зима и пролет да бидат проблем, мислам дека подготвени ќе ги пречекаме. Ова е жива материја, проблеми има секој ден, решаваме тековно, но овие беа оценети како главни приоритети за решавање. Мислам дека како Влада граѓаните нема да бидат сведоци на оние слики што беа во минатото кога во 5 до 12 се бараат адхок-решенија, па тие изнудени решенија нè чинат многу скапо. Подготвени го пречекуваме сето ова и можеби сме први во регионот, ако не и во Европа. Тоа што сме помали, помалобројни, тоа понекогаш значи и предност, така што мислам дека многу бргу се адаптиравме на ова и мислам дека подготвени ќе го пречекаме сето ова“, нагласи премиерот.
Појасни дека сите компании што ќе инвестираат во средства за работа, односно основните средства, тие ќе бидат подржани со овој проект.
Максималниот износ на проектот, како што нагласи, ќе биде до 10 милиони евра.
„Тиа значи дека од тие 10 милиони, би требало 20 проценти минимум да е сопствена инвестиција, што значи дека до 8 милиони евра ќе бидат финансирани од овој проект. Тука се опфатени објекти што се од обновливи извори на енергија, онаму каде што ќе се инвестира, таму нели сите ние сме за онаа зелена транзиција, се боревме што побргу да ги постигнеме целите имајќи предвид дека планот за раст тоа и го наметнува и сме први во регионот, иако како влада последни почнавме во многу работи и први ќе ја добиеме траншата.
Исто така, оние што ќе инвестираат во административни простории за сопствени потреби, не да инвестираат, па да ги препродаваат, туку за сопствени канцелариски простори административни, во склоп на производниот погон и слично. Така што, еве уште еднаш ќе ги повикувам компаниите да подготват добри издржани проекти, добар план, бизнис-план. Навистина претставува атрактивно сето ова вие да добиете осум милиона по каматна стапка од 1,95 процент, до 8 милиони зборуваме, тоа значи дека годишно ќе треба да плаќате до 160.000 евра камата и три години да ги работите парите“, истакна Мицкоски.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс