ЦУК: Заглавени гости од хотелот „Радика“ во Маврово извлечени со помош на специјално возило
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 02 Декември 2024
Гости од хотелот „Радика“ во Маврово, што беа заглавени поради обилните врнежи од снег и непроодниот пат, вчеравечер се извлечени со помош на специјално возило на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, што вози пред нив и им го расчистува патот, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„Од последниот контакт во 20 часот со дежурниот во ПС Маврово добиена е информација дека возило на ЈП за одржување на магистралните и регионалните патишта вози напред, а по него се гостите од хотелот со своите возила. Возат бавно, но ќе успеат да стигнат до конечните дестинации“, велат од ЦУК.
Екипите на Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта во текот на денот вршеле сечење на паднатите дрвја на делницата до хотелот.
На терен имало и машина за чистење снег, која ги расчистувала снежните наноси на овој потег.
Според ЦУК, висината на снежната покривка на овој дел е околу 80 сантиметри.
Од ЦУК информираат дека поради врнежите од дожд, состојбата во поголемиот дел од Северозападниот Регион е стабилна и сообраќајот се одвива нормално, а снабдувањето со електрична енергија е редовно.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс