Одложена одлуката за Законот за јазиците, Костадиновски уверува дека нема да дозволи судот да биде уценуван

Првин ќе се слушне мислењето на експертите, а потоа ќе се одлучува за Законот за употреба на јазиците. Уставниот суд денеска со пет гласа „за“ и еден „против“ одлучи првин да одржи подготвителна седница, на која ќе бидат повикани странки – и оние што го оспоруваат законот и оние што го поддржуваат, но, пред сè, експертите.

 

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, пред новинарите изјави дека сведоци сме на непримерно и политичко насилство, влијание, притисоци и уцени врз Уставниот суд, што е резултат на едно фрапантно отсуство на елементарна политичка и уставна култура.

 

Тој уверува дека одлуката за законот ќе биде донесена за неколку месеци и нема да дозволи натамошни притисоци, уцени и закани.

 

„Секој што мисли дека владеењето на правото, правната држава, ќе ја попречат со политичко влијание и со манипулации, воопшто да не се трудат. Такво нешто нема да се случи“, рече Костадиновски додавајќи дека Уставниот суд е чувар на Уставот.

 

Тој целосно ги отфрла изјавите дека гласањето е етничко коментирајќи дека сите сме еднакви пред Уставот и законот, а тие се судии и одлуките треба да ги носат без оглед на националноста, социјалната положба, верата.

 

Законот за употреба на јазиците, по пет години од стапувањето во сила, беше прва точка на дневниот ред на седницата, која беше бојкотирана од судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари, а набргу салата ја напушти и судијата Фатмир Скендер.

 

Венециската комисија претходно имаше забелешки за Законот за јазиците укажувајќи дека не е прецизно наведено кои одредби важат само за албанскиот јазик, а кои и за другите јазици на заедниците.

 

ДУИ од неделата протестира пред Уставниот суд, а владејачката коалиција од албанскиот блок „Вреди“ уверуваше дека албанскиот јазик не е загрозен.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.