Притвор за Васко Стефанов и уште седум лица, за Ковачевски кој не е во земјава судот определи мерки на претпазливост
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 11 Декември 2024
Кривичниот суд донесе решенија со кои на осум лица им е определен притвор, во врска со полициската акција „Адитив“.
Меѓу осумте е и едниот од поранешните директори на ЕСМ, Васко Стефанов, додека за неговиот претходник, Васко Ковачевски, кој не е достапен за органите на прогонот и е на непозната дестинација, судот определи мерки на претпазливост.
Од Судот информираа: „За осомничените : В.С., П.С., М.С., М.Ј., Д.С., Н.С., Р.С. и П.М. судот го прифати предлогот на Основниот јавен обвинител и им определи мерки притвор во траење од 30 дена, заради постоење на опасност од бегство, влијание врз сведоци и околности дека може да го повтори делото“.
За осомничениот М.С. , имајќи ја предвид неговата возраст и преземените дејствија, судот му определи мерка куќен притвор.
За осомничените: Д.С., С.М., П.Ч., Д.С., А.М., З.Н., З.А., С.М., М.В., Д.Ч., В.М., Н.Н. и С.К., судот го прифати предлогот за определување мерки за претпазливост односно одземање на патна исправа, обврска повремено да се јавува во судот, забрана за одржување и воспоставување контакти, како и т.7 за одредени лица односно Забрана за преземање на определени работни активности поврзани со кривичното дело
„Што се однесува до осомничениот В.К. кој, до овој момент не е лишен од слобода ниту е спроведен или се јавил во судот, до Основниот кривичен суд Скопје, надлежниот Јавен обвинител достави предлог за определување мерки за претпазливост, односно одземање на патна исправа, обврска повремено да се јавува во судот и забрана за одржување и воспоставување контакти, за кои судот дополнително ќе одлучува откако истиот ќе биде обезбеден од органите на прогон“, велат од Кривичниот суд.
Од тука појаснуваат во интерес на јавноста дека согласно Законските одредби судија на претходна постапка не може да определи построги мерки за обезбедување присуство од мерките кои ги предлага Јавниот обвинител.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Претходно денес, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека полицијата ќе стори сè што е рамките на нејзините надлежности Ковачевски да биде изведен пред лицето на правдата.
Во врска со акцијата, Тошковски рече дека се работи за луѓе на коишто им биле доверени високи државни функции од една страна, а од друга страна тие преку ноќ формирале фирми без вработени.
„Претходно се занимавале со продажба на канцелариски материјали, а наеднаш стануваат фирми што тргуваат со ваков тип адитиви и заработуваат милионски суми пари. Има и голем број докази дека она што е плаќано е најмалку трипати повеќе од реалната цена“, рече Тошковски.
Од Обвинителството соопштија дека дел од осомничените во својство на службени лица во АД ЕСМ и АД „Пошта на Северна Македонија“ создале група која имала за цел вршење на кривични дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело предвидено и казниво по чл. 273 од Кривичниот законик.
Шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Ислам Абази, претходно брифираше дека поранешниот директор на ЕСМ и член на СДСМ, Васко Ковачевски не е дел од организираната група во која осомничените местеле тендери на свои блиски фирми и го оштетиле буџетот за 6,5 милиони евра.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс