Општините и министерствата заедно трошат за адвокатски услуги повеќе од 2 милиона евра годишно, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации

Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за исплатите за адвокатски услуги од буџетите на општините и на министерствата.

 

Истражувањето покажа дека:

 

Општините и министерствата немаат пишани внатрешни правила за ангажирање адвокати имајќи предвид дека набавката на услуги од адвокат е исклучена од Законот за јавните набавки.

 

Меѓу одговорите од општините има разни објаснувања за начинот на избор на адвокат, и тоа: „Врз основа на нивниот углед и искуство во поглед на природата на предметите“; „Лесно достапни до општината, кои имаат канцеларија во истата општина“; „Врз основа на сознанија за стручноста и компетенциите на адвокатите и врз основа на добиени препораки за нивната досегашна работа“; „Со непосредна спогодба“; „По слободен избор“; „Го избрал градоначалникот“ и „Од именикот на адвокатите“.

 

„Само општините и Град Скопје лани потрошиле 67.269.053 денари или 1,1 милион евра за исплати на адвокати.

 

Министерствата на адвокати им исплатиле 62.428.934 денари или 1 милион евра.

 

Парите што министерствата и општините заедно ги плаќаат на адвокати се две третини од вкупните пари што за оваа намена ги исплаќаат сите буџетски институции заедно. 40-ина проценти од исплатените 1,1 милион евра се за адвокати што општините сами ги ангажирале, а преостанатите 60 % се за исплатени адвокатски услуги по други основи.

 

Од општините адвокати ангажирале 72 од 81 единица на локалната самоуправа. Една четвртина од општините му исплаќаат месечен паушал на некој адвокат.

 

Од министерствата, само две имаат ангажирано адвокати, а другите исплати се на адвокати по други основи, односно за судски и извршни решенија и за камати.

 

Од општините, Град Скопје и Гази Баба предничат во исплатените суми за адвокати, а кај министерствата тоа се Финансии (за функции на државата), па Правда и Труд.

 

Поединечно најмногу пари му се исплатени на адвокатот Влатко Ристовски кому само Општина Гази Баба му исплатила повеќе од 6 милиони денари во 2023 година“, покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.