
За пејачи и изведувачи општините трошат 1 милион евра годишно, најскапо платена годинава е Северина, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 19 Декември 2024

Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за исплатите за трошоците на општините за забавни манифестации.
Истражувањето покажа дека само од јануари до октомври годинава општините потрошиле на пејачи и на други забавувачи 961 илјада евра. До крајот на 2024 година се очекува дека сумата ќе надмине еден милион евра.
Лани за оваа намена се потрошени 1 милион и 11 илјади евра.
Најскапо платена годинава е Северина за која Крива Паланка платила 25 илјади евра.
Сепак, годинава, најмногу вкупно пари добила Јелена Розга – 42 илјади евра за два настапа – во Берово и Штип.
Лани, најскапо бил платен Саша Ковачевиќ, кој од Штип добил речиси 26 илјади евра.
Најмногу пари на забавни манифестации трошат општините Кавадарци, Струмица, Штип, Кисела Вода и Велес.
Овие услуги општините ги набавуваат преку помалку транспарентни постапки или наоѓаат начини да не го применат Законот за јавните набавки.
Вакви трошоци имале 50 општини. Од другите, 29 немаат, а две не доставија податоци.
Забавните манифестации што општините ги организираат по разни поводи, како одбележување празници (Нова година) или нешто што е специфично за таа општина (храна, пијалак, традиција и сл.), ги чинат граѓаните повеќе од 1 милион евра секоја година. Притоа, ова се пари што општините ги плаќаат од своите буџети и во сумата не влегуваат парите што за оваа намена се платени преку донации, најчесто од фирми и поединци, се наведува во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
