Муцунски: Евроинтеграцијата, активниот придонес во НАТО и партнерството со САД остануваат во фокусот и оваа година

„На прагот сме на новата година, време кога традиционално се осврнуваме на достигнувањата и предизвиците од изминатата година. Ова беше година на пресвртница за државата – година на промени кои донесоа значително подобрување на животот на граѓаните и успешно позиционирање на државата на меѓународната сцена“, истакнува министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски во новогодишната честитка додавајќи дека довербата од граѓаните била најголемиот поттик да се работи неуморно и да се претставуваат домашните предизвици пред светот.

„Во еден динамичен и предизвикувачки период, благодарение на вашата поддршка, работевме на градењето на посилна и стабилна позиција на меѓународен план. Вашата доверба беше најголем поттик да се работи неуморно во преставувањето на домашните позиции пред светот“, вели Муцунски.

Подвлекувајќи ја важноста на минатогодишните предизвици, тој ги споменува и најважните достигнувања од 2024 година и нагласува дека евроинтеграцијата, активниот придонес во НАТО Алијансата и партнерството со САД остануваат во фокусот и оваа година.

„Остваривме голем број билатерални средби, го зајакнавме меѓународниот углед на нашата држава, активно придонесувавме во меѓународните организации, развивме силни партнерства и достоинствено придонесувавме за глобалната политика, мир и безбедност. Чекорејќи по патот што успешно го трасиравме минатата година, во 2025 година ќе продолжиме да градиме партнерства, преку дијалог да бараме решенија на отворените прашања и со меѓусебна почит и разбирање да останеме кредибилен меѓународен партнер. Евроинтеграцијата и понатаму останува во фокусот, како и нашиот придонес во НАТО и цврстото партнерство со Соединетите Американски Држави“, истакнува тој.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.