Минчев поднесе претставка до Инспекторатот поради оглас за вработување со вклучена етничка припадност
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 03 Јануари 2025
Министерот за јавна администрација Горан Минчев како физичко лице, по допрен глас, поднесе претставка до Државниот инспекторат за труд барајќи вонреден инспекциски надзор во Јавното комунално претпријатие „Пиша“ од селото Липково.
Во претставката Минчев укажува на сериозни неправилности во објавениот јавен оглас број 03-204/3, со кој се бараат четири нови вработувања на неопределено време.
Според огласот, критериумите за вработување вклучуваат етничка припадност, што е во спротивност со Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за работните односи и Правилникот за задолжителните елементи на јавните огласи, информираа од неговиот кабинет.
„Ова е директно нарушување на принципите на еднаквост и недискриминација. Законот е јасен – вработувањата во јавниот сектор треба да се базираат на квалификации, компетенции и транспарентност, а не на етничка или друга дискриминаторска основа“, истакна Минчев.
Како министер, но и како граѓанин, Минчев посочи дека ваквите случаи ја нарушуваат довербата во институциите и ги охрабрува граѓаните да се борат за почитување на своите права.
„Должни сме да изградиме праведен систем, кој функционира еднакво за сите. Политичката волја за почитување на законите мора да биде основен принцип на секоја јавна институција. Само така можеме да создадеме силна и правична држава“, нагласи Минчев.
Претставката до Државниот инспекторат за труд е поднесена со цел да се утврди дали во конкретниот случај постојат основи за прекршување на законите. Минчев повика Инспекторатот да спроведе темелна истрага и да информира за преземените мерки.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс