Костова: Цените на 63 основни производи, наместо да бидат намалени 10 отсто, биле зголемени за 397 денари
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 09 Јануари 2025
Новогодишните кошнички завршија како фарса. Цените на 63 основни производи, наместо да бидат намалени 10 %, биле зголемени за 397 денари. Основните производи станаа луксуз за многу семејства, изјави денеска потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.
Според неа, зејтинот, јајцата и млечните производи се поскапени, а нема раст на платите. Костова истакна дека во изминатите неколку месеци се излеани десетици милиони евра од џебовите на граѓаните во интерес на големите трговски синџири.
„Платите стагнираат, а трошоците растат. Граѓаните се соочуват со избор дали да купат храна или да платат сметки. Оваа ситуација е неодржлива и потребни се итни и храбри чекори за да се врати контролата врз цените и да се заштити животниот стандард. Владата да ги прифати мерките на СДСМ. Само преку укинување на ДДВ на храната, преку воведување контрола на цените и зголемување на минималната плата можае да се намалат финансиските маки на граѓаните. Минималната плата мора да се покачи на 500 евра – сѐ пониско од ова е навредливо и понижувачко за граѓаните“, рече Костова.
Таа додаде дека сегашната состојба е неприфатлива и неодржлива за граѓаните.
„Животот во Македонија не треба да биде борба за основна егзистенција. Време е за промени – реални, системски и веднаш применливи мерки, кои ќе ги стават граѓаните, а не привилегираните, на прво место. Граѓаните заслужуваат власт што вистински ќе се грижи за нивните потреби, а не за профитите на големите трговци и бизнис-партнери“, заврши Костова.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс