Не би сакал во вакви моменти на чувства да се носат избрзани одлуки, вели Камбовски за случајот на смртно прегазената Фросина

Судскиот совет будно го следи случајот со смртно прегазената Фросина Кулакова од Неготино, уверува претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски. Во овој момент смета дека не треба да се носат одлуки или да се изведуваат заклучоци, но не ја исклучи можноста повторно да се разгледаат досегашните случаи на убиецот на Фросина, Васил Јованов, кој веќе бил осудуван за неколку дела, бил испратен во казнено-поправен дом, но јавноста на неколкуте протести по несреќата, залележи дека секогаш му биле давани благи казни.

„Се работи за случај што ја потресе целата држава. Сите изразуваме сочувство до семејството и не би сакал сега во вакви моменти на чувства, кои ги има кај сите граѓани, да се носат некои избрзани одлуки или да се изведуваат некои заклучоци. Не се добри такви некои брзи промени да се прават во законот“, вели Камбовски.

Во однос на забелешките од семејството, кое бара одговорност не само од убиецот туку бара да одговараат и неговиот татко и судијката Даниела Алексовска-Стојановска, која претходно Васил Јованов го спасила од затвор, претседателот на Судскиот совет, Камбовски, не сакаше да коментира.

„Случајот конкретно јас не го знам, не знам кои биле доказите, каков бил настанот и не би се осудил да коментирам во врска со одлуката сѐ додека не го видам целиот предмет. Сигурно дека ќе се разгледува, секаде каде што има пропуст, ќе биде санкциониран. Сите се залагаме за владеење на правото, не познавам никој што се согласува вакви состојби да ни се случуваат“, рече Камбовски.

Во врска со прашањето за тоа какви казни определуваат судовите, Камбовски смета дека ни недостига официјална анализа, која би покажала дали навистина секогаш се оди со поблаги казни оти законот предвидува најблага казна од 4 години, но највисока од 20 години затвор. Тој смета дека драконски казни нема да го решат проблемот.

„Ако мислиме дека само со драконски казни ова ќе го решиме, ова нема да се реши. Ние имаме подлабок, поголем проблем. Не е ова проблем само на благи казни, не е ова проблем само на постапување на судовите. Ова е проблем на целово општество и треба сите ние што сме фактори во општеството да размислиме што може да направиме ова да не се повторува во иднина“, нагласи Камбовски.

Камбовски вели дека Судскиот совет, најверојатно, ќе направи разговори со судијката за да види кои се фактите во случајот, но сето тоа ќе оди во предвидена процедура. Во овој момент вели дека случајот будно го следат, но тоа не значи ниту дека ќе отвораат некоја постапка против судијката ниту, пак, дека нема да отвораат.

Правда за убиецот на Фросина, одговорност од таткото и од судијката вчера преку протести побараа и огромен број жители на Скопје и Кавадарци.

Фросина Кулакова беше прегазена на пешачки премин на булеварот Партизански одреди во Скопје на 29 јануари од 20-годишниот Васил Јованов за кого беше објавено дека возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.