
Џафери: Застапеноста на Албанците во Армијата е на историски најниско ниво
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 06 Февруари 2025

Демократската унија за интеграција (ДУИ) изразува длабока загриженост за сериозното влошување на состојбата со застапеноста на Албанците во Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија.
Поранешниот министер за одбрана и експретседател на Собранието, Талат Џафери, обвини дека последните месеци се спроведува дискриминаторска политика, при што Албанците се целосно исклучени од клучните позиции, а забележан е и процес на деградирање на искусните офицери.
„Од 10 директори во новата систематизација, ниеден не е Албанец. Од 12 советници во Министерството за одбрана, само 1 е Албанец. Од 29 раководители на сектори во Министерството, ниеден не е Албанец. Од 13 раководители на сектори во Генералштабот на Армијата, ниеден не е Албанец. Од 30 команданти на баталјони, само 5 се Албанци. Албанските офицери со високи чинови и професионални квалификации се деградирани или отстранети од клучните позиции“, изјави Џафери.
Дополнително, според него, ситуацијата се влошила со запирање на унапредувањата на албанските офицери и подофицери, иако ги исполнуваат критериумите, систематско исклучување на Албанците од програмите за воена едукација во странство, зголемување на говорот на омраза и на националистичката реторика, како што беше случајот со Културно-уметничкото друштво „Бајрам Шабани“ во касарната во Куманово.
Објви и дека ДУИ бара прекин на систематската дискриминација и враќање на правичната застапеност на Албанците на сите нивоа, деполитизација на Армијата и Министерството за одбрана, со стопирање на партиските назначувања, гарантирање на правата и достоинството на албанските воени лица, вклучувајќи еднакви можности за едукација и унапредување.
Според опозициската партија, актуелната состојба е неприфатлива и спротивна на принципите на еднаквост и евро-атлантската интеграција на земјата.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
