
Мора да има одговорност за хаосот, ПЕТ-скенерот не работи, онколошките пациенти се во агонија, реагираат од СДСМ
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 21 Февруари 2025

Со месеци сме сведоци на незапаметен хаос во македонското јавно здравство – хаос што не е само бројка, не е само статистика. Тоа се човечки судбини, животи доведени во опасност поради неспособноста на Арбен Таравари и Владата на ДПМНЕ, истакна на прес-конференција Душанка Георигиева Трпевски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Најтешко е, вели таа, за оние кои немаат време да чекаат – онколошките пациенти.
„Луѓето кои се борат за својот живот сега се принудени да водат уште една битка, битка со системот што треба да ги заштити.
Нема лекови, нема соодветни услови, чекањата се бесконечни, нема доволно лекари. Голготата на онколошките пациенти не запира, а институциите молчат!
Прво немаше биолошка терапија на Клиниката за онкологија, а сега, цели еден месец, не функционира ниту единствениот државен ПЕТ-скенер.
Ова не е само неспособност – ова е директен напад врз здравјето и животот на стотици пациенти низ целата земја“, оценува пратеничката на СДСМ.
Власта, како што наведува, бездушно ги остава без неопходната медицинска услуга, додека министерот Таравари и Владата на ДПМНЕ покажуваат целосна неспособност да го управуваат здравствениот систем.
„Ова мора да запре. СДСМ бара итна одговорност – од директорката Невена Маневска, од министерот за здравство Арбен Таравари, од сите кои дозволија оваа катастрофа да се случи.
Министерството за здравство веднаш мора да ја стави во функција неопходната дијагностичка апаратура! Ова не е политика, ова е живот. Граѓаните не смеат да бидат жртви на неспособноста и негрижата на оваа власт“, децидна е Георигиева Трпевски.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
