Министерството за правда: Проектот „Безбеден град“ е почеток на ефикасност и правда

Претставници на Министерството за правда учествуваа на јавната трибина за измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоците.

 

Проектот „Безбеден град“ започна во октомври 2024 година со една едноставна, но силна идеја: да ги обединиме капацитетите на Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи, да ги надминеме старите системски бариери и да креираме ефикасен и транспарентен правен процес, соопштија од Министерството.

 

Нагласуваат дека е формирана меѓуресорска работна група предводена од Министерството за правда, која имаше обврска да ги подготви измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Законот за прекршоците и измените на Кривичниот законик, со цел да се обезбеди имплементација на проектот „Безбеден град“.

 

„Со цел да се подобри безбедноста во сообраќајот почнaвме со нови измени во Законот за прекршоците. Предвидена е посебна постапка за прекршоците од областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата, која се однесува на прекршоците утврдени со помош на електронски системи за детектирање, како што е системот ‘Безбеден град’. Воведуваме скратени постапки со кратки рокови за судење и засилени казни за рецидивистите вклучувајќи забрана за управување со возило по третиот прекршок. Прекршочните налози ќе се доставуваат бргу и ефективно преку СМС и е-пошта. Сторителите ќе имаат право на судска заштита ако не ја прифаќаат одговорноста. Овие промени ќе ја подобрат брзината и ефикасноста на постапките.

 

Како дел од нашите стратешки приоритети, во соработка со Министерството за внатрешни работи, во декември 2024 година го отворивме процесот на интероперабилност, кој долго време беше задржан само на хартија. Со директно учество почнавме пат на поврзување на судовите и ЈО со МВР, нешто што беше неопходно, но не беше функционално. Ние како Министерство овозможивме поврзување помеѓу МВР, судовите и ЈО со цел да се потпишат директни меморандуми за соработка и договори за размена на податоци во електронска форма преку Националната платформа за интероперабилност, која ќе овозможи пристап до бази на податоци на институциите, што ќе се користат во судските постапки. Ова значи дека сите релевантни институции имаат пристап до најактуелните и точни информации. Брзо и ефикасно. Без губење време. Без можности за манипулации. Без можност за корупција“.

 

Проектот, според соопштеното, е почеток на ефикасност и правда. Систем, кој, како што велат надлежните, не само што ќе се справува со постојните проблеми туку ќе ги спречува новите.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.