
Матичните штрајкуваат поради измените во „Мој термин“, од Министерството за здравство велат дека верификувањето на телефонскиот број на пациентите е еднократно
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 26 Февруари 2025

Матичните лекари денеска одржаа едночасовен предупредувачки штрајк поради новите измени во системот „Мој термин“.
Претседателката на Здружението на приватните матични лекари, доктор Лилија Чолакова-Дервишова, рече дека без претходна најава, Управата за електронско здравство им наложила да верификуваат мобилни телефони на пациентите пред да ги извршат прегледите. Тоа, како што објасни, го блокирало функционирањето на системот „Мој термин“.
Од Министерството за здравство велат дека измената за верификација на телефонскиот број е со цел цел да обезбеди пациентите навремено да добиваат известувања за закажани термини и други здравствени услуги, со што се намалуваат пропуштените прегледи и се оптимизира функционирањето на здравствениот систем.
Во моментот процесот сè уште не е задолжителен, но во наредниот период ќе стане обврска при посета кај матичниот лекар. Од Здравство исто така нагласија дека верификацијата се прави еднократно, што значи дека пациентите треба да го потврдат својот телефонски број само при првиот преглед.
Сепак, системот предвидува исклучоци во одредени случаи: итни медицински случаи – внесување во системот без верификација; деца и изнемоштени лица – може да бидат верификувани преку друго лице (еден телефонски број за повеќе пациенти).
Се додава и дека корисниците на мобилната апликација „Мое здравје“ може самостојно да ја завршат верификацијата, без вклучување на матичниот лекар.
„Оваа промена се базира на анализи, кои покажаа дека значителен број пациенти не се појавуваат на закажаните термини поради неажурирани телефонски броеви. На пример, повеќе од 50 отсто од пациентките со закажани прегледи на дојка не се појавиле, со што биле изгубени термини, кои можеле да бидат искористени за други пациенти“, велат од Министерството.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
