„Во Стоматолошката комора владее целосен тоталитаризам и самоволие“: Стоматолозите бараат оставка од Денковски

Стоматолозите се загрижени за актуелните случувања во Стоматолошката комора на Македонија под водство на Маријан Денковски. Неговите одлуки и политики, како што велат, од ден на ден предизвикуваат сè поголеми проблеми и незадоволство помеѓу стоматолозите.

„Во демократско општество изразувањето на мислењето и дијалогот на интелектуалците може да биде само најефикасен начин за доаѓање до вистински конструктивни решенија на проблемите, за жал, за претседателот на СКМ, тоа е основ за поведување дисциплински постапки, санкции и прогон на своите колеги.

Д-р Маријан Денковски против своите неистомисленици поведува дисциплински постапки пред Судот на честа, кој се занимава со сè, освен со задачата што му е доделена со Законот за здравствената заштита. Во Комората владее целосен тоталитаризам и самоволие, се прогонуваат членови на здруженија и делегати, се воведуваат глоби за кои не постои никаква законска основа, нереално прикажани финансиски извештаи, ненаменско трошење на средствата од фондот за солидарност, се елиминираат одредени здруженија, a се фаворизираат други итн. Самоволието оди до тој степен што Комората не почитува пресуди на Уставниот и ма Управниот суд“, истакнуваат во информацијата.

Веруваат, како што велат, дека во државата постојат институции што ќе застанат на патот на таквото самоволие во Стоматолошката комора и ќе го вратат достоинството на докторите по дентална медицина. Бараат веднаш министерот за здравство да постапи во согласност со неговите законски надлежности и да стави крај на ваквото владеење.

„Поради сè погоре наведеното и предизвиканата материјална и нематеријална штета на угледот и честа на голем број колеги, но и финансиската штета на средствата од сите членови на Комората, сметаме дека најмалата работа што Маријан Денковски треба да ја направи е да си поднесе итна и неотповиклива оставка од функцијата на која е избран спротивно на статутот, а за што сè уште е во тек управна судска постапка“, потенцираат во реакцијата.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.