
Се подготвува првиот водич кај нас кој ќе ги објасни нередовните циклуси, анксиозноста, заморот и несоницата во перименопауза
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 05 Март 2025

Стручна група за перименопауза, составена од водечки експерти од различни медицински области односно двајца гинеколози од Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство, матичен гинеколог, ортопед и психијатар од Универзитетската Клиника, ендокринолог и матичен лекар, го подготвуваат првиот водич за перименопауза кај нас. Водичот е предвидено да биде основа за системски и координиран пристап кон ова значајно животно поглавје за жените, а ќе биде наменет за матичните лекари, семејните лекари, гинеколозите и останатиот медицински кадар.
„Перименопаузата е периодот кој започнува со првите симптоми на менопауза, и завршува една година по последната менструација, кој може да трае неколку години. Периодот на перименопаузата е обележан со хормонални промени што предизвикуваат различни симптоми – од нередовни менструални циклуси, преку несоница, анксиозност, замор и проблеми со концентрација, па сѐ до значајни физички промени. Во Македонија, овој процес не е институционално препознаен, а би можело значително да го подобри квалитетот на животот на жените“, велат од ХЕРА за оваа важна но занемарена тема за женското здравје кај нас.
Иницијативата се реализира под координација на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и МАГО – Македонска асоцијација на гинеколози и опстетричари, со цел да се обезбеди стручна поддршка и да се изработат конкретни насоки за унапредување на здравствената грижа во период на перименопауза за жените во нашата земја.
Со формирањето на оваа стручна група, се отвора простор за стручна дискусија и изработка на материјали кои се засновани на медицински докази, кои ќе им овозможат на жените во Македонија пристап до квалитетна грижа, навремено препознавање на симптомите и соодветни медицински информации и услуги за справување и поддршка.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
