
Договорена пракса за студентите на ФИНКИ: ќе ги одржуваат дигиталните платформи на МОН
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 10 Март 2025

Студенти од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје, од денес ќе му помагаат на Министерството за образование и наука во унапредување на дигиталното работење и забрзување на процесот на дигитализација на образованието. Под менторство на нивните професори, ќе дадат поддршка на тековното одржување на дел од информациските системи и дигитални платформи со кои располага министерството и ќе учествуваат во креирање и имплементација на нови техничко – технолошки решенија и дигитални услуги во воспитно – образовниот процес.
Ова е уредено со меморандум за соработка кој денеска го потпишаа министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и деканот на ФИНКИ проф. д-р Боро Јакимовски, а кој, како што информираа, зависно од потребите и можностите на двете страни, во иднина би можел дополнително да се надградува.
„Согласно договореното, дополнително факултетот ќе организира и спроведува едукативни активности во форма на обуки, работилници и семинари за стручно усовршување на вработените во министерството. Од друга страна, министерството ќе поддржи практично усовршување на студентите од овој факултет. Предвидени се и заеднички стручни и научни истражувања и анализи, како и организација на хакатони и натпревари за младите во информатичко – комуникациската сфера“, рече Јаневска.
Министерката изрази задоволство што лесно беше постигната согласност каде и како да соработуваат двете страни, со што значително ќе се подигне ефикасноста и ефективноста на работењето и на министерството и на факултетот, а во интерес на граѓаните. Посочи дека МОН покажува отвореност, а ФИНКИ висока општествена одговорност.
„Имам должност да ги повикам и другите јавни институции и високообразовни установи да иницираат ваков тип на соработка. Да им дадеме можност на младите да се докажуваат и практично да се надградуваат уште додека студираат и со тоа да им го поедноставиме настапот на пазарот на труд по дипломирањето“, додаде Јаневска.
Деканот на ФИНКИ пак, рече дека образовната установа и досега му помагаше на МОН, но отсега во активностите ќе бидат вклучени и студентите за кои, како што рече, убеден е дека имаат потенцијал не само да препознаваат, туку да креираат решенија за сложени предизвици во ИТ сферата.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
