
Чибишев: Јован е во одлична состојба, си отиде дома нашиот херој
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 25 Март 2025

Херојот од Виница, Јован Костадинов, кој од огнот во кочанската дискотека извлече 21 лице, е испишан од болница во одлична состојба, рече утрово Андон Чибишев, директор на Клиниката за токсикологија. Тој во болница остана седум дена, а од вчера е пуштен на домашно лекување.
„Јован е примен на Клиниката поради белодробни тешкотии, односно поради вдишување зголемени концентрации јаглероден моноксид. Третиран е седум дена. Сосема добро ја прифати терапијата. Во подобрена општа клиничка состојба вчера е испишан, пуштен на домашно лекување со комплетно референтни лабораториски токсиколошки анализи. Препорачано е во наредните седум дена да се направи уште една контрола и мислам дека во наредните два-три месеци сите тие пациенти што вчера ги испишавме, вклучувајќи го и Јован, ќе бидат под наша опсервација за да не пропуштиме нешто. Инаку, Јован е во одлична состојба, си отиде дома нашиот херој“, рече директорот Чибишев.
Деветнаесетгодишниот Јован утрово се врати на училиште во гимназијата „Ванчо Прке“, каде што беше пречекан со аплауз, солзи и со прегратки и од учениците и од професорите.
Ноќта кога се случи пожарот Јован ја натопил со вода маицата, се прекрил, влегол во запалената дискотека и од огнот и чадот извлекол 21 лице.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
