
Антикорупционерката Димитровска, избрана со максимум бодови од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, го олицетвори гнилиот систем, велат од Левицата
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 25 Април 2025

Веста дека претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, е осомничена за оддавање на службени тајни на обвинет во случајот „Адитив”, е доказ дека т.н. „борба против корупцијата“ со ДПМНЕ и СДС на моќ е ништо друго туку мизерен театар за јавноста, оценуваат од Левица.
Жената која, како што велат, требаше да биде водач во сузбивањето на корупцијата, станала нејзин соучесник.
„Сепак, ова не е индивидуален „пропуст“, туку е последица на отворено политичко-партиска пазарна селекција на кадри. Имено, Димитровска беше едногласно избрана со максимални бодови од пратениците на ДПМНЕ, СДС и ДУИ – партиите кои наводно се “непомирливи противници“, но единствени кога треба да се инсталираат партиски кадри на клучни позиции.
Откако беше поставена на чело на Комисијата, Димитровска не само што не отвори ниту еден сериозен предмет, туку претвори сè што е скандал поврзан со владата на Мицкоски во баналност. На пример, ДКСК не утврди неправилности во патувањето на синот на Мицкоски на НАТО самитот на државен трошок; Не утврди неправилности во назначувањето на Бојан Христовски како директор на АНБ и покрај фаличниот сертификат за англиски јазик, сомнителната диплома за високо образование, работното искуство, партиската книшка и активноста во ДПМНЕ“, посочуваат од Левица.
Потсетуваат дека и сопругата на партискиот адвокат на Зоран Заев – Софија Спасовска Медарска, во 2023 година беше избрана за член на актуелниот состав ДКСК со единство на гласовите од пратениците на широката коалиција – ДПМНЕ, СДС и ДУИ.
Оттука, додаваат, актуелната Антикорупциска комисија е резултат на познатиот договорен модел – вие нашиот, ние вашиот.
Левица бара, целиот состав на ДКСК веднаш да си поднесе оставка и сите предмети што ги водела оваа Комисија да бидат целосно ревидирани.
За нив, нема правда и сузбивање на корупцијата додека партиите си поставуваат чувари на своите тајни и апологети на нивната коруптивност и криминал наместо контролори на власта.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
