Еколошкиот систем за гаснење пожар на Борис Јанковски и Искра Јанковска-Михајловска награден за патент на годината

Еколошкиот систем за гаснење пожар, изум на компанијата за истражување и развој „Веда“ и на изумителите Борис Јанковски и Искра Јанковска-Михајловска, ја доби највисоката државна награда за изуми „Патент на годината“.

 

Наградата традиционално годишно ја доделува Државниот завод за индустриска сопственост.

 

„Веда“ е мала семејна компанија основана во 1991 од Јанковски, кој е инженер и истражувач, а ја раководи ќерката Јанковска-Михајловска.

 

„Ова е многу значајно за развој на нашиот бизнис бидејќи сме фирма што ги продава технологиите што ги создава. Но, без иновации нема напредок. Овој пронајдок е значаен за развојот на разни бизниси во кои може да се имплементира, а во исто време да ја заштити животната средина“, вели Јанковска-Михајловска.

 

Изумот овозможува гаснење во моментот на настанување на пожарот, што е приоритет во техниките на гаснење. Користи супстанција која е потврдена како нетоксична според меѓународните стандарди и протоколи, а тоа е важно затоа што Европската комисија постојано ги заострува регулативите поврзани со емисија на токсични гасови.

 

Оваа супстанција е соодветна за употреба во станбени и јавни простори, во простории во кои има луѓе и е безбедна алтернатива на постојните системи за гаснење пожари, кои, поради нивната штетност за околината, се во процес на повлекување во Европската Унија.

 

„Системот може да се примени во разни сектори, електрични возила, камиони, автобуси, воена и полициска опрема, системи за производство на енергија од сонце и ветер. За време на ковид-кризата со тимот работевме интензивно на овој систем, со поддршка на Фондот за иновации, и стасавме до фаза во која веќе може да влезе во индустриско производство“, изјави изумителот Јанковски.

 

Овој пронајдок во 2022 година ја доби првата награда на американскиот натпревар за висока технологија поддржан од американската армија и од Министерство за одбрана на САД, а следната година Искра Јанковска-Михајловска во Вашингтон го доби признанието жена во фокус на технологијата.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.