
ЗНМ ги додели наградите за најдобри фоторепортерски остварувања за 2024 година
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 05 Мај 2025

Светскиот ден на слободата на медиумите, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), со поддршка од Европската Унија, организираше изложба на новинарска фотографија под наслов „Медиумска слобода низ објективот: Моментите што зборуваат” и свечено ги додели наградите за најдобри фоторепортерски остварувања за 2024 година.
На јавниот повик што го распиша ЗНМ пристигнаа вкупно 15 апликации. Жири-комисијата, составена од Владимир Арсовски, Боро Арсовски и Роберт Коцев, ги селектираше најдобрите три фотографии.
Првата награда беше доделена на фоторепортерот Слободан Ѓуриќ за фотографијата „Татко – Кочани“.
Втората награда ја доби фотографијата „Канадер – Охридско Езеро” од фоторепортерката Маја Јаневска-Илиева.
Третата награда ја поделија фоторепортерите Ѓорѓи Личовски зафотографијата „Ловец на Персиди“ и Роберт Атанасовски за фотографијата „Женски водици“.
Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски истакна дека во време кога медиумските работници се соочуваат со сериозни предизвици, важно е гласно да се поддржат оние што со својот објектив ја забележуваат вистината.
„Тоа е посебната улога на фоторепортерите – да бидат и сведоци и хроничари на времето, да ни ги пренесат моментите на радост и надеж, но и моментите на тага, кои понекогаш не можеме да ги изразиме со зборови.“ рече Чадиковски.
Изложбата ќе биде отворена до 12 мај и сите заинтересирани ќе имаат можност да погледнат во просториите на Музејот на град Скопје.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
