Промовирана „Археолошка Брајова азбука“ – прва литература од ваков тип во Македонија и регионот

 

Денес, во Домот на култура „Билјана Беличанец“ се одржа промоцијата на „Археолошка азбука“ и „Археолошка Брајова азбука“ – првите книжевни дела од ваков тип во Македонија и пошироко во регионот, наменети за деца и млади, чии автори се професори Антонио Јаќимовски, Елизабета Томевска-Илиевска, Маја Јаневска. Настанот се реализира со поддршка од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и Општина Кисела Вода, во соработка со Здружението Институт за европски образовни, социо-културни и економски политики ЕВРОПА ЗА ТЕБЕ Скопје и Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, Скопје. Овие дела имаат длабока едукативна и културна вредност – на интересен, сликовит и инклузивен начин го доближуваат археолошкото наследство до најмладите читатели, вклучително и до оние со оштетен вид, велат организаторите.

 

– Ми претставува особена чест и задоволство што денес сме тука, заедно со почитуваните професори Антонио Јаќимовски, Елизабета Томевска-Илиевска, Маја Јаневска и пратеничката во македонското Собрание Катерина Димитровска, во Домот на култура ,,Билјана Беличанец” за заедно да промовираме едно навистина посебно и вредно издание – „Археолошка азбука“ и „Археолошка Брајова азбука“ – првата литература од ваков вид за деца и млади во нашата земја и пошироко во регионот, поддржана од Кисела Вода. Нашата општина постојано се залага за еднакви можности и права за сите. Грижата за лицата со попречености, а особено за лицата со оштетен вид, не е само обврска, туку и должност која ја исполнуваме со големо внимание и посветеност. Секоја година, на Денот на Брајовото писмо, ја продолжуваме нашата поддршка за учениците од Државното училиште за рехабилитација „Димитар Влахов“, преку донирање на книги напишани со Брајово писмо за нивната библиотека – затоа што веруваме дека знаењето и културата треба да бидат достапни за сите, без исклучок.

 

Поддршката што ја дадовме на „Археолошката азбука“ и нејзиното издание на Брајово писмо е токму во таа насока – да понудиме литература која истовремено е и образовна и инспиративна, која ги запознава децата со богатата археолошка ризница на нашата земја и ги поттикнува да се чувствуваат горди на своето културно наследство. Посебно радува фактот што „Археолошката Брајова азбука“ ќе им овозможи и на децата со оштетен вид рамноправен пристап до знаење, визуелно адаптирано и внимателно подготвено според нивните потреби.

 

Затоа, сето ова не е само промоција на книга – ова е потврда за визија, за вредности, за грижа и за инклузија. Ова е пример како културното и образовното може да се спојат во вистинска алатка за градење свест, идентитет и љубопитност кај младите“, истакна Ѓорѓиевски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.