Левицата предлага инспекторат кој ќе казнува за непочитување на грбот, знамето и химната: МВР реагира за сквернавење, но не влегува во канцеларии

 

Партијата Левица оваа недела ќе поднесе предлог-закон за формирање инспекторат за употреба на грбот, знамето и химната на државата, како и знамињата на заедниците во земјата. Бараат да се формира инспекторат оти секојдневно сме сведоци на непочитување на државните симболи, особено за време на јавни прослави, спортски манифестации, па дури и официјални церемонии. Левицата вели дека симболите неправилно и дури и навредливо се употребуваат или, пак, ги нема онаму каде што законот пропишува дека треба да ги има. Решение гледаат во формирање инспекторат, чии инспектори ќе може да влезат и во канцелариите во кои ги има сите други знамиња од светот, освен македонското.

 

„МВР, генерално, реагира на сквернавење на државните симболи, но дали МВР влегува во канцелариите на градоначалниците во кои нема македонско знаме? Дали МВР влегува во канцеларии во кои имаме американско, француско, германско, сите знамиња на светот, само не македонското. Дали МВР реагира во тој случај? Не. Затоа треба инспекторат што ќе ја следи доследната примена на оваа материја и затоа сметаме дека со ова само ќе се дополни и ќе се пополни правниот вакуум, кој веќе постои“, вели пратеникот Амар Мециновиќ.

 

Формирањето инспекторат за државните симболи Мециновиќ смета дека е само пополнување на досегашниот правен вакуум.

 

„Веќе 27 години постои Закон за употреба на државното знаме и државниот грб, но овој Закон нема орган што го спроведува. Исто така, постои Закон за знамињата на заедниците и тој пропишува глоби, но нема институција што ги изрекува тие глоби. Практично, имаме мртво слово на хартија. Овој закон има цел да го исполни овој правен вакуум. Со него се превидува формирање инспекторат во рамките на Министерството за правда, со јасно дефинирани надлежности, процедура за инспекциски надзор и прекршочни мерки. Инспекторатот ќе има капацитет да врши надзор и над институции и над правни и физички лица, а ќе постои и можност граѓаните да поднесуваат инцијативи до него“, рече пратеникот Мециновиќ.

 

Предлог-законот за формирање инспекторат што ќе поднесат во Собранието од Левицата сметаат дека е суштински бидејќи конечно дава механизам за спроведување на веќе постојните закони и законска материја оти сега имаме законска материја за која нема инспекторат што ќе го следи нејзиното имплементирање и ќе казнува.

 

Очекуваат широка поддршка од парламентарните групи затоа што не се работи за политики калкулации, туку се работи за пополнување вакуум и враќање на достоинството на државните симболи по долго време нивно непочитување.

 

„Симболите на една држава не се декоративни елементи, ти се израз на суверенитетот, идентитетот и на колективната меморија на граѓаните кои заедно ја чувствуваат. Овој закон треба да ги зацврсти правната сигурност и еднаквоста на сите граѓани пред правниот поредок“, рече Мециновиќ.

 

Левицата смета дека сегашното непочитување на државните симболи партијата го нарушува достоинството на државата и на граѓаните.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.