Мицкоски за кандидатите за гувернер, меѓу кои се Ставрески, Славевски и Бежовска: Сите се вонсериски

До крајот на неделата ќе биде јасно кој кандидат за гувернер ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ. Од тројцата досега најсериозни кандидати, поранешните министри за финансии Зоран Ставрески и Трајко Славевски и актуелната гувернерка Анита Ангелова-Бежовска, која е првата жена гувернер, премиерот Христијан Мицкоски не издвои никого.

 

„Не е битно кој е мојот фаворит. Она што можам да го кажам како претседател на Владата е дека сите кандидати што се разгледуваат се вонсериски, искусни и кандидати за кои убеден сум дека ќе ја одржат макроекономската стабилност на Македонија“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелникот за спортска сала во училиштето „Гоце Делчев“ во скопско Долно Лисиче.

 

Премиерот најави дека одлуката ќе ја донесат до крајот на неделата, а в понеделник ќе очекува да биде известено и Собранието.

 

„Веќе имавме разговори со претседателката во понеделникот на оваа тема. Тие разговори очекувам да ги продолжиме. До крајот на неделата ќе биде јасна позицијата. Очекувам в понеделник да биде информирано и Собранието. На 20 мај има седница, разговарав и со претседателот на Собранието за дополнување на дневниот ред тогаш, така што рокот ќе биде почитуван“, вели премиерот Мицкоски.

 

Седумгодишниот мандат на сегашната гувернерка Ангелова-Бежовска истекува на 21 мај и таа има право на реизбор.

 

Славевски, актуелен професор на Економскиот факултет и претседател на Советот на Град Скопје, беше министер за финансии во првата влада на Никола Груевски во 2006 година. Тој остана на функцијата министер за финансии до 2009 година кога на негово место дојде Ставрески.

 

И Ставрески е кадар од првата влада на Груевски. Во 2006 година беше назначен за вицепремиер за економски прашања, во 2009 стана и министер за финансии. Се повлече од функциите во 2016 година со објаснување дека тоа го прави од здравствени причини. Тогаш рече дека лекарите му советувале подолго лекување за да закрепне, но не сподели со јавноста за здравствената состојба. Неколку месеци пред да се повлече од функциите, тогаш опозицискиот СДСМ почна да ги објавува аудиоснимките, кои ги нарече бомби, а на голем дел од нив имаше разговори на Ставрески со тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, но и со други владини членови. Тогаш јавноста од Ставрески слушна дека „немаме ни за леб, а трошиме за чоколади“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.