Филков: Електронските алки не се само технолошки уреди, тие се алатка за реформа

Министерот за правда Игор Филков присуствуваше на промоција на надградениот систем за електронски надзор во тренинг центарот на КПД Идризово.

 

Овој процес кој е резултат на сериозна работа и посветеност на Министерството за правда, Управата за извршување на санкциите и поддршката од нашите партнери, претставува чекор напред во реализацијата на европските стандарди за извршување на казните и унапредување на човековите права.

 

,,Електронските алки не се само технолошки уреди, тие се алатка за реформа. Тие се симбол на една нова, современа пробациска политика. Преку нивното користење, овозможуваме: Алтернатива на затворот, намалување на пренатрупаноста во казнено-поправните установи, подобра ресоцијализација и поголема безбедност за граѓаните. Ова не е само техничка надградба, тоа е јасна определба дека правдата може да се спроведува со достоинство и почитување на човековите права”, истакна Филков.

 

Дополнително, како што нагласи, со новиот Закон за пробација, чиј предлог е веќе подготвен во Министерството за правда, многу скоро ќе биде објавен на ЕНЕР, се воспоставува правна рамка која овозможува поширока примена на куќен притвор, условен отпуст и ресторативна правда, сето тоа под буден, но хуман надзор.

 

,, Со тоа, ги охрабруваме надлежните да пристапат кон пробацијата многу похрабро за во иднина заеднички да ја отстраниме црната дамка која што беше фрлена досега на изречените мерки, куќен притвор. Довербата и сигурноста во системот мораме да ги вратиме.

 

Ќе продолжиме да работиме на реформи кои носат вистинска промена, и ќе изградиме правосудство кое е достапно, правично и во служба на граѓаните”, порача министерот за правда, Игор Филков.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.