
Претставници на онколошките пациенти на средба со обвинителите што го водат случајот
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 26 Мај 2025

Јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје Гаврил Бубевски и надлежниот јавен обвинител во предметот „Онкологија“ Ана Гоговска – Јакимовска денеска остварија средба со Ана Марјановиќ и Ангелика Колева, претставнички на неформалната организација која ги застапува онколошките пациенти, со цел да ги информираат за деталите од поднесените обвиненија против лекари од Клиниката за радиотерапија и онкологија за несовесно лекување пациенти.
„Со оглед на тоа што со овој предмет се испитуваше и се дојде до основано сомнение за повреда на највисокото уставно загарантирано право на здравствена заштита, Основното јавно обвинителство Скопје во текот на целата постапка се грижеше да обезбеди максимална транспарентност и отчетност особено во однос на пациентите“, соопшти Обвинителството.
Претставниците на организацијата беа информирани дека во текот на истрагата беа прегледани медицинските досиеја на сите онколошки пациенти кои примале биолошка терапија за период од 5 години – од 01.01.2018 до крајот на 31.12.2022 година, при што технички советници на истрагата ги издвоија историите со одредени сомненија за начинот на третирање. Од сите прегледани истории, 65 беа издвоени, испратени и анализирани од вештите лица во Словенија и Србија. Словенечките експерти потврдија несоодветно лекување кај 29, а српските кај дополнителни 18 пациенти. Нивните наоди беа основ за поднесените обвиненија.
На денешната средба, јавните обвинители ги информираа претставниците на пациентите дека во следните денови обвинителството ќе ги контактира пациентите кај кои вештачењата утврдија пропуст во лекувањето или нивните законски застапници со цел да ги информира и да им укаже на нивните права како оштетени.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
