Мицкоски: Никој на домаќинствата не им понудил алтернатива, затоа не треба да ги обвинуваме за аерозагадувањето

Не треба да ги обвинуваме домаќинствата затоа што тие немаат алтернатива, за жал, никој до сега не им обезбедил алтернатива, а кога би имале, тогаш третирањето на темата би било поинакво и работиме на тоа да обезбедиме алтернатива за домаќинствата, изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска на надзорната расправа во Собранието за аерозагадувањето.

 

Мицкоски додаде дека најчесто таа алтернатива е централното греење, а во моментот само дел од Скопје има таков начин на затоплување преку централното греење и има индивидуални обиди во општини во кои се инсталираат гасни котли за затоплување на јавни објекти.

 

„Но нема далечинско централно затоплување на домаќинствата и можеби тоа е причината зошто луѓето користат најчесто фосилни горива, но не ретко и користат практично сè. Од прегорено масло, преку отпадни гуми, стар мебел и покуќнина за да може да си ги затоплат своите домови. Тоа може да се надмине само на еден начин – ако се реализираат овие проекти и ако се работи на свесноста на сите фактори во општеството. Во годините што следуваат некои од овие проекти за дел од општините ќе се реализираат и ќе обезбедат почиста и поздрава животна средина“, потенцира премиерот Мицкоски.

 

Тој додаде дека исто така во таа насока се субвенциите за инсталирање ефикасни котли на гас во јавни објекти – топлинските и геотермалните пумпи.

 

„Како Влада се заложивме и сме во напредна фаза на деблокирање заем од Светската банка да бидеме пријателска Влада кон околината преку реконструкција на јавните објекти. Многу работи се случуваат и ќе продолжат да се случуваат“, изјави Мицкоски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.