Поранешниот амбасадор во Ватикан, Ѓоко Ѓорѓевски, се замонаши

Поранешниот македонски амбасадор во Ватикан, Ѓоко Ѓорѓевски, се замонаши. Чинот бил извршен во православниот храм на МПЦ-ОА „Свети великомаченик Георгиј“ во Криви Дол во Скопје, од страна на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

 

„На 28 мај 2025 година, кога Светата Црква го прославува Одданието на Воскресение и споменот на светите Гаврил Велички и Ахил Преспански, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, отслужи Божествена Литургија во манастирот „Свети великомаченик Георгиј“ – Криви Дол, СкопјеНа Литургијата Архиепископот го ракоположи во јероѓаконски чин монахот Георгиј (Ѓорѓевски).”, објави Скопската епархија на МПЦ-ОА на својата веб-страница.

 

Ѓорѓевски е македонски теолог и универзитетски професор. Тој е редовен професор на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што предава предмети од областа на Старозаветната теологија, вклучувајќи Библиска историја и археологија, Вовед во Стариот Завет и Егзегеза на Стариот Завет.

 

Своето високо образование го започнал на истиот факултет, каде што дипломирал теологија. Потоа продолжил со постдипломски студии на Понтификалниот универзитет „Грегоријана“ во Рим, Италија, каде што магистрирал и докторирал во областа на библиската теологија.

 

Во периодот од 2010 до 2014 година, Ѓорѓевски ја извршувал функцијата амбасадор на Македонија при Светата Столица (Ватикан).

 

Ѓорѓевски е автор на бројни научни трудови и книги. Во периодот од 2016 до 2023 година, тој бил декан на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.